Линкови за пристапност

Во Македонија нема заболени од коронавирусот


Надлежните институции апелираат да не се шират паника и лажни вести за коронавирусот и порачуваат дека состојбата се следи во континуитет и дека се постапува по препораките на Светската здравствена организација

По извршените тестови, официјално е соопштено дека кај двајцата пациенти кои вчера и денеска беа хоспитализирани со симптоми слични на оние кои ги имаат заболени од коронавирусот, резулатите на анализите се негативни и дека во Македонија засега нема ниту еден случај на заоболени од вирусот кој по Кина се прошири и низ Европа.

„Апелирам јавноста да не наседнува на лажни вести, да не се креира непотребна паника. Патниците да кажуваат вистински информации, нема потреба да се кријат информации, мора да се кажува вистината“, порача министерот за здравство д-р Венко Филипче.


На денешната седница, врз основа на препораките на Кризниот штаб на Министерството за здравство за справување со коронавирусот и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Владата донесе повеќе заклучоци. Ќе се формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата, што ќе воспостави тесна соработка со медиумите и ќе ги прибира сите релевантни информации за навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението. А по податоците за зголемување на бројот на заболени во Италија, Владата го ограничи и влегувањето во државата од кризните подрачја од Северна Италија на аеродромите во Скопје и Охрид и на пет гранични премини: Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.


Владата му наложила на Министерството за здравство итна набавка на соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции - за заштита на персоналот. Министерството е задолжено и итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.

Владата ги задолжи сите основни и средни училишта и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, а на македонските граѓани им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.

По средбата со министерот Филипче, на 15 февруари, шефицата на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје Џихан Тавилах, посочи дека „капацитетите на земјата се подготвени во случај на можно појавување на ‘корона’ вирусот, а системот за рано предупредување и рана интервенција е прилично добар. Ние велиме дека Северна Македонија има еден од најдобрите системи за рано предупредување во однос на болести и епидемии во целиот регион“.

Но, стопанствениците веќе предупредија дека ширењето на коронавирусот во Италија ќе се одрази и врз македонското стопанство, особено врз чевларската индустрија која дел од производите извезува во Северна Италија. И градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска посочи дека поради кризата има проблеми со набавката на делови за кинеските двокатни автобуси кои се користат во јавниот превоз во македонската престолнина.

Иако премиерот Џузепе Конте изјави дека мерките за спречување на епидемијата на коронавирусот наскоро ќе дадат резултати, потенцирајќи дека „Италија е безбедна земја за патувања и туризам, можеби побезбедна од многу други“, дел од македонските туристичките агенции соопштија дека паниката поради ситуацијата во Италија, влијаела на дел од граѓаните да ги откажат аранжманите и пред препораките на Владата, но и понатаму се нудат ангажмани за патувања по повод Денот на жената „8 Март“ или за престојните велигденски празници.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG