Законодавците заминаа од Вашингтон по жестока партиска битка меѓу републиканците и демократите околу зголемување на границата за задолжување што резултираше со постигнување договор во последен момент.
Спикерот на Претставничкиот дом Џон Бејнер, републиканец, му се спротивстави на претседателот Барак Обама, демократ, велејќи дека неговата партија одбива вклучување поголеми даноци во договорот за националниот долг.
„Попуштив многу за да постигнеме договор со претседателот Обама. Сега е на него ред“, рече тогаш Бејнер.
Политичкиот ветеран Норман Орнстајн од американскиот Институт Ентерпрајс објаснува дека овој август е поинаков за законодавците кои се враќаат од дома, по, како што рече, „дебаклот“ со постигнување договор за националниот долг.
„Конгресмените се свесни дека имаат најниско ниво на доверба во анкетите. Некои членови на Конгресот не го прават тоа што вообичаено е својствено за август – да се среќаваат со граѓаните од нивните општини. Тие се уплашени од таков вид на средби со гневни гласачи и попречувања во излагањата.
Неодамнешното истражување на јавното мислење покажа дека 80 отсто од Американците не го одобруваат начинот на кој членовите во Конгресот си ја вршат работата.
Оние конгресмени кои сепак одат на средби со граѓаните по општините, се сведоци на лутина, како што неодамна се случи на средбата организирана од републиканскиот законодавец Џеф Милер од Пенсикола, Флорида.
Со цел да се реши кризата со националниот долг, претседателот Обама и конгресните лидери се договорија да креираат Супер-комисија, составена од 12 членови - шест републиканци и шест демократи, со цел да постигнат договор за намалување на дефицитот. Репортерот Џонатан Ален од Политико, објаснува:
„Супер-комисијата ќе треба да скрати 3 до 5 трилиони долари. Тие слушнаа што мислат гласачите, кои програми би можеле да се кратат, каде да се штеди, независно дали даноците да бидат дел од штедењето. Како дополнувањето на ова, фискалната година за 2012-та почнува на 1-ви октомври, и ништо досега не е сторено“.
Норман Орнстајн вели дека со децении ја следи американската политика, но никогаш не видел понефункционална влада:
„Реалноста е дека независно каков став има претседателот Барак Обама, тој ќе наиде на обединета републиканска опозиција. Познато е дека битката за националниот долг е многу поголемо прашање отколку битката за намалување на владината гломазност, и враќање на времето пред „Новиот договор“ и Франклин Рузвелт. Имате голем број на луѓе, не само од движењето Ти парти, туку повисоки републиканци кои се определени да го користат секој метод и тактика за постигнување на своето. Ова е нова ера.“
И покрај жестокото противење на што наидува претседателот од Конгресот кој е под контрола на републиканците, Обама планира во четврток да излезе со говор во кој ќе ги исцрта плановите за враќање на Американците на работните места. Се очекува да упати апел до конгресмените да ги надминат тесно-партиските интереси и да преземат одлучна акција за отворање нови работни места, иако сите се свесни дека 2012-та е година на одржување претседателски избори во САД.