Линкови за пристапност

Клинтон во Кина среде дисидентската криза


Случајот со кинескиот активист, кој наводно е под американска заштита, фрли сенка на посетата.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон замина за Кина, на разговори на високо ниво што се очекува да бидат засенети од случајот на кинескиот дисидент кој избега од куќен притвор и наводно е под заштита на САД.

Клинтон не коментираше за Чен Гуангченг пред да замине од Вашингтон доцна синоќа, но затоа најави дека на средбите со кинеското раководство ќе дискутира за човековите права.

Претходно, и претседателот Барак Обама одби да одговори каде би можел да се наоѓа Чен, кој според гласините пребегал во американската амбасада во Пекинг.

Вишиот американски дипломат за Источна Азија, Курт Кемпбел е во Пекинг од неделата и се очекува да разговара со кинеските претставници за Чен пред годишниот Стратешки и економски дијалог, што започнува во четврток.

Боб Фу, директорот на организацијата ЧајнаЕјд, чие седиште е во САД, деновиве беше главниот извор на информации за Чен. Тој вели дека американските и кинеските претставници работат на договор да му се дозволи на Чен со семејството да замине за САД.

Чен, кој е адвокат и активист, беше уапсен откако ја документираше злоупотребата на кинеската политика за ограничување на бројот на членови во семејството. Тој исчезна на 22-ри април од селото Доншигу во источната покраина Шандонг, иако властите не го открија тоа се` до минатиот четврток.

XS
SM
MD
LG