Американскиот оддел за правда објави дека соработува со ФБИ за обновување на истрагата за електронските пораки на Хилари Клинтон „што е можно побрзо“.
Директорот на ФБИ Џејмс Коми го информираше Конгресот во петокот дека федерални истражители анализираат нови пораки кои биле пронајдени за време на истрагата против поранешниот конгресмен Ентони Винер.
Винер наскоро ќе биде поранешен сопруг на блиската соботничка на Хилари, Хума Абедин. Тој е обвинет дека разменил експлицитни сексуални пораки со 15 годишна девојка. Винер и Абедин, наводно делеле ист компјутер по дома.
Коми рече дека истражителите пронашле електронски пораки кои биле испраќани и примани од Хилари Клинтон кога била на функцијата државна секретарка.
ФБИ ја запре истрагата против Клинтон во јули. Коми лично кажа дека Хилари била немарна, за начинот на кој испраќала електронски пораки, но не сторила никаков криминален акт.
Клинтон се осврна на новата истрага на ФБИ за нејзините електронски пораки за време на кампањата во Охајо:
„За сите што се загрижени за моето користењето на личен е-маил, жалам. Направив грешка. Сега ги истражуваат електронските пораки на една од моите блиски соработнички и ќе дојдат до истото сознание кога ги анализираа моите електронски пораки лани – а тоа е дека нема случај“, изјави демократската кандидатка за претседател.
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, како што се очекуваше, ја поздрави одлуката на Коми за дополнително анализирање на електронските пораки на Клинтон на митинг во Мичиген.
„Ова е најголем скандал од времето со Вотергејт. Хилари ги обвинува сите за нејзините неволји, но самата е виновна за оваа ситуација, треба да се обвинува - себе си“, рече Трамп.
Со најновата контроверза, трката за Белата куќа се стеснува. Анкетите покажуваат дека Клинтон има само водство од 3 проценти на национално ниво врз Трамп.