Поранешниот полски претседател Александер Квашњевски тврди дека Полска и` дозволила на ЦИА да има таен затвор на нејзина територија, но дека полски официјални лица не одобриле груб третман или пак тортура на притворениците – осомничени терористи на таа локација.
Во интервју за варшавското радио Ток ФМ, Квашњевски кажа дека пред повеќе од 10 години побарал од тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш да стави крај на сите американски разузнавачки операции во затворот. Тој кажа и дека во одреден момент операциите прекинале.
Ова е по првпат поранешниот полски претседател јавно да признае дека постоел ваков затвор. откако тоа со години го негираше.
Се верува дека ЦИА 2002-ра и 2003-та имала ваква инсталација во Полска.
Изјавата на Квашњевски уследи еден ден откако Сенатската комисија за разузнавање вчера издаде резиме на подолг извештај, наведувајќи дека ЦИА по терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва година користела екстремни методи на испрашување што достигнале ниво на тортура.
Извештајот предизвика жестока реакција од Кина и Северна Кореја, двете земји во однос на коишто САД честопати изразуваат загриженост за кршењето на човековите права.
Кинеската државна агенција Ксинхуа тврди дека САД не се прифатлив модел или пак квалификуван судија за прашања од областа на човековите права во други држави. Портпарол на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја ги нарече постапките на ЦИА „нехумани“ и ги обвини ОН дека ја игнорираат „бруталноста на американските полицајци“.