Линкови за пристапност

Виш дипломат на САД во Кина поради дисидентскиот случај


Курт Кемпбел во обид да спречи криза во односите по наводите дека кинескиот активист Чен Гуангчен е под американска заштита.

Вашингтон испрати виш дипломат во Пекинг во обид да спречи криза во односите откако кинески дисидент избега од домашен притвор и се појавија сомневања дека се наоѓа под американска заштита.

Помошник-државниот секретар Курт Кемпбел пристигна саботата во Пекинг, каде треба да се сретне со кинески претставници за случајот на слепиот дисидент Чен Гуангчен. Американските власти изразија загриженост за ситуацијата во врска со Чен, но не коментираат каде тој се наоѓа, ниту пак реагираа на непотврдените извештаи дека тој нашол засолниште во американската амбасада во Пекинг.

Организација со седиште во САД, која се бави со човековите права во Кина, тврди дека Чен е под американска заштита, како и дека во моментов траат преговори меѓу американски и кинески лица за случајот. Боб Фу, претседателот на ЧајнаЕјд, за Гласот на Америка изјави дека иако Чен е на безбедно и на локација далеку од домот, единствениот излез за него би бил да пребега во САД.

Цитирајќи извори блиски на Чен, Фу тврди и дека кинеската полиција петокот утрото ги уапсила постариот брат и внукот на Чен, истиот ден кога тој наводно добил американска заштита. Според истиот извор, сопругата, мајката и сестрата на Чен се` уште се наоѓаат во строг домашен притвор.

Џон Бренан, главниот советник за контратероризам на претседателот, за ТВ-мрежата Фокс изјави дека Барак Обама ќе стори се` што смета дека е во најдобар интерес за САД, како и за поединците вмешани во случајот. Брендан не сакаше да потврди дали Чен е под американска заштита, но ја подвлече важноста на американско-кинеските односи.

Чен, кој е адвокат и активист, беше успасен откако ја документираше злоупотребата на кинеската политика за ограничување на бројот на членови во семејството. Тој исчезна на 22-ри април од селото Доншигу во источната покраина Шандонг, иако властите не го открија тоа се` до минатиот четврток. Не е јасно каде Чен заминал, но неговиот пријател и активист Ху Џиа верува дека Чен петокот бил примен во американската амбасада.

Американски дипломати одбија да коментираат, а портпаролот на кинеската влада немаше информации за наводите.

До ваков развој на ситуацијата дојде само неколку дена пред планираната посета на државната секретарка Хилари Клинтон и секретарот за финансии Тимоти Гајтнер на Пекинг.

На видео-снимка објавена на Интернет, Чен тврди дека тој и семејството биле злоупотребени додека минале година и половина во куќен притвор и бара кинескиот премиер Вен Џиабао да спроведе истрага за кршење на човековите права во Кина.

Чен, кој вршеше кампања против принудните абортуси во рамки на кинеската политика за само едно дете во семејството, беше во куќен притвор од септември 2010-та, откако отслужи четиригодишна казна затвор.

XS
SM
MD
LG