Линкови за пристапност

Мерки против деца-питачи во Скопје


Мерки против деца-питачи во Скопје
Мерки против деца-питачи во Скопје

Власта најавува нови, поригорозни мерки за искоренување на грдата слика на градот

На жештини или на неиздржливо студено време, ретки се оние раскрсници во Скопје каде нема деца-питачи. Нема ниту најниска ниту највисока возрасна граница, од бебиња во прегратки на нивните мајки, сестри и браќа, до момчиња и девојки, сите од возачите бараат „паричка за леб“, а често ја заработуваат дневната доза цигари и пијалок на нивните родители.

И покрај неколкуте обиди досега, со дневни центри, градинки и други форми на ангажман, овие деца да се тргнат од улиците, децата–питачи и натаму се слика на главниот град. Посебна мета им се странците, кои не ги разбираат, а за да се спасат од нив, најчесто им даваат по некоја паричка.

За десетина дена, власта ќе направи уште еден обид да ја смени оваа грда слика- ќе се отвори транзитен центар каде ќе се носта децата што ќе бидат затекнати да питачат. Се најавуваат ригорозни казни и за децата и за родителите. Несовесноста на родителите тие ќе ја платат со сместување во некоја институција или згриѓувачко семејство, а родителите ќе платат со одземање на старателството над нив и кривичќно ќе одговараат.

Децата ќе бидат задржани во Транзитниот центар од 24 до 48 часа. Додека тие се сместени во центарот, Центарот за социјални работи Скопје планира поведување постапка за одземање на родителското право на тие родители, а МВР да поднесе кривични пријави против нив. Министерството треба да донесе одлука дали тие деца ќе бидат сместени во установа или згрижени во семејство, вели министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Според статистиката, 18.000 лица на возраст под 18 години во Македонија не одат на училиште, а неколку илјади живеат без покрив над главата. Најчесто овие деца се злоупотребувани да заработуваат пари, сметаат властите.

XS
SM
MD
LG