Линкови за пристапност

Картер во Саудиска Арабија


Американскиот секретар за одбрана на турнеја по регионот ја промовира нуклеарната спогодба со Иран

Американскиот секретар за одбрана Аштон Картер денес е во посета на Саудиска Арабија, во рамки на турнејата по регионот на којашто ги уверува скептичните сојузници во користа од спогодбата за иранската нуклеарна програма.

Саудиските претставници јавно ниту ја осудија, ниту ја прифатија спогодбата постигната на 14-ти јули на преговорите во Виена. По средбите со кралот Салман и саудискиот министер за одбрана, Картер ќе се врати во Јордан, на состанок со јорданското армиско раководство. Вчера, во воздухопловна база во северниот дел на Јордан, од каде што се вршат операции против цели во Сирија, тој се сретна со претставници на коалиционите сили.

Картер дојде во Јордан од Израел, каде што се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху и искажа натамошна безбедносна поддршка за земјата. Картер и Нетанјаху разговараа речиси цели два часа во Ерусалим. Американскиот секретар за одбрана по состанокот изјави: „Не се согласуваме за се`. Премиерот мошне јасно порача дека не се согласува со нас во врска со нуклеарната спогодба“. Нетанјаху доцна синоќа издаде соопштение во коешто наведува дека спогодбата со Иран е „лош договор“ и „историска грешка“.

XS
SM
MD
LG