Калифорнија стана прва сојузна држава, која ја укина кауцијата во готово за осомничени кои чекаат да бидат изведени пред суд за криминални престапи.
Гувернерот Џери Браун ја потпиша легислативата за реформи во системот за кауции, која треба да стапи во сила од почеток од октомври 2019-та. Со тоа ќе биде ставен крај на досегашната пракса која овозможуваше обвинетиот да стави пари, вообичаено 10 отсто од висината на кауцијата – со цел да ги осигури властите дека ќе се појави на суд да се соочи со обвинувањата.
Наместо тоа, локалните судови ќе одлучуваат дали да го задржат осомничениот за насилните прекршоци во затвор ако се сметаат за закана по општеството, или во ненасилни случаи, да бидат ослободени со нивно ветување дека ќе се појават на судско рочиште да се соочат со обвинувањата.
Тие исто така може да бидат ослободени, но надгледувани со Џи-Пи-Ес, каде се движат.
Кауциите честопати се користат во САД. Тоа значи дека сиромашните обвинети остануваат во затворите додека чекаат судење, додека финансиски помоќните осомничени може да си дозволат да платат да бидат ослободени.
Тоа значи дека 7000 канцеларии за кауција ширум Калифорнија ќе бидат затворени, иако оваа бранша најави тужба да го спречи стапувањето на законот во сила следната година.
Градот Вашингтон веќе има систем на кауција без готовина, додека други сојузни држави се` уште го користат овој начин на привремено излегување од притвор на осомничени.
Facebook Forum