Линкови за пристапност

Американците се` помалку гледаат кабловска


Се очекува 22 милиони граѓани да ја прекинат претплатата за кабловска телевизија - стои во неодамнешната студија.

Според една неодамнешна студија на Центарот за истражување Пју, 61 процент од младите, т.н. милениумски Американци на возраст од 18 до 29 години, гледаат видео содржини преку стриминг - сервис, наспроти преку кабелски оператор.

Генерално, Пју откри дека 59 отсто од Американците се` уште гледаат телевизија преку кабелски оператор, во споредба со 29 отсто кои користат стриминг услуга.

Но, тие не се само новите најсовремени услуги за стриминг што Американците се’ повеќе ги користат, бидејќи многумина купуваат релативно евтини дигитални антени со кои им се овозможуваа бесплатно гледање на телевизиски станици, вклучувајќи ги и главните емитувачки мрежи во САД.

Темпото на исклучување на кабелските оператори се зголемува, според неодамнешниот извештај на „eMarketer“, кој предвидува дека 22 милиони Американци ќе ја исклучат кабелската оваа година.

„Помладата публика продолжува да се префрла или исклучиво, да гледа видео материјали, или, пак, ги гледа во комбинација со бесплатни телевизиски опции“, вели Крис Бендтен, постар аналитичар за прогнозирање на „eMarketer“.

„Минатата година, дури и Олимпијадата и претседателските избори не можеа да ја спречат помладата публика да се откаже од платената телевизија“.

Една од главните причини за откажување на кабелската е да се заштедат пари, бидејќи луѓето ја гледаат кабелската како премногу скапа, што често чини повеќе од 100 долари месечно. И, додека кабелските компании нудат стотици канали за избор, многумина само сакаат пристап до неколку канали.

Но, цената не е единствената причина.

„Забрзувањето на откажувањето од кабелските опаератори е резултат на неколку фактори“, рече главниот аналитичар на „eMarketer“, Пол Верна.

„Прво, традиционалните платежни телевизиски оператори се’ повеќе развиваат стриминг-платформи, како што е „Sling TV“ на „Dish Network“. Второ, мрежите, како што се „HBO“ и „ESPN“, отпочнаа самостојни услуги за претплата, кои им овозможуваат на корисниците да ги допрат овие канали без претплата на кабелски оператор“, рече тој. „И трето, дигиталните играчи како „Hulu“ и „Youtube“ сега доставуваат телевизиски канали преку интернет по разумни цени - вклучувајќи ги и спортските канали кои претходно беа достапни само преку традиционалната дистрибуција“.

Друга причина е тоа дека Американците трошат помалку време гледајќи традиционални телевизиски канали во целина, и во просек гледаат три часа и 58 минути дневно, според „eMarketer“, кој додаде дека е првпат, тој број да се намали под четири часа на ден. Времето за гледање на дигиталните видеа е зголемено на еден час и 17 минути, што е зголемување за 9,3 отсто во текот на 2016-та, велат од „eMarketer“.

Промената влијае на тоа како Американците ги добиваат вестите и забавата. Неодамна, американските телевизиски гледачи генерално ги добиваа своите вести и забава на една од трите главни телевизиски станици. Денес, Американците добиваат вести и забава од буквално илјадници извори, а листата на доставувачи на содржини - расте.

Претходно оваа година, Епл објави дека ќе потроши една милијарда долари за развој на оригинални програми следната година. „HBO“, „Amazon“, „Netflix“ и други сервиси се веќе во тој бизнис.

„Кога станува збор за добивање на политички вести или вести од владата, либералите и конзервативците имаат спротивставени гледишта“, пишува во студијата од 2014-та година за влијанието на медиумските навики и поларизацијата.

Сечење на кабелската може да го продлабочи јазот.

„На пример, Интернетот, сега е поблиску до населението отколку телевизија како извор на вести во САД“, стои во истражувањето. „Пред една генерација, телевизијата беше далеку од доминантен извор за вести за Американците, но сега, интернетот значително ја надминува како редовен извор на вести за лица помлади од 50 години“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG