Линкови за пристапност

Партијата на Ан Сан Су Чи победи на делумните избори во Бурма


Земјата влегува во нова ера, порача во Рангун нобеловката која мина поголем дел од последниве 22 години во домашен притвор.

Поборничката за демократија и добитничка на Нобеловата награда за мир Ан Сан Су Чи најави нова ера за Бурма откако нејзината партија победи со големо мнозинство на вчерашните делумни парламентарни избори.

Според бурманските државни медиуми, опозиционата Национална лига за демократија на Ан Сан Су Чи освоила најмалку 40 од 44 парламентарни места опфатени со овие избори. Лигата претходно соопшти дека освоила 43 места.

Ан Сан Су Чи, која воената власт поголемиот дел од последниве 22 години ја држеше во домашен притвор, пред симпатизерите во Рангун изрази надеж дека изборните резултати ќе ја натераат владата да ги исполни желбите на граѓаните.

Унијата за солидарност и развој, што ја формираше владејачката армиска структура пред да се согласи на општи избори минатата година, и натаму ќе има значително мнозинство во парламентот.

Претставници на САД и ЕУ имаат најавено дека би размислиле за укинување на дел од економските санкции против поранешната воена власт доколку се покаже дека вчерашните избори биле фер и слободни. Санкциите во текот на изминатите 20 години беа воведени како реакција на широкораспространетото кршење на човековите права од страна на воената власт.

XS
SM
MD
LG