Линкови за пристапност

Британскиот министер за Брегзит си даде оставка


Тешка задача се наоѓа пред британската премиерка Тереза Меј, којашто треба да го убеди Парламентот да го прифати договорот за излез на Велика Британија од Европската Унија. Дополнителна главоболка е неочекуваната оставка на нејзиниот секретар за Брегзит, Доминик Раб.

„Свеста не ми дозволува да ги поддржам условите од предлог-договорот со ЕУ“, вели Раб во изјавата за неговото повлекување.

Раб не се согласува со делот од договорот што се однесува на Северна Ирска и смета дека тој претставува „закана за интегритетот на Велика Британија“.

​Според Раб, со договорот се спречува поставување вистински граници меѓу Северна Ирска, којашто е дел од британското кралство и Ирска, којашто е дел од ЕУ. Тоа, пак, според екс-министерот, отвора можност за вето од Унијата врз намерите на Лондон за вистинско напуштање на ЕУ.

„Сметам дека предлогот не ги изразува ветувањата што им ги дадовме на граѓаните на изборите“, се вели во писмото од Раб упатено до премиерката Меј.

Спротивно од ставовите на Раб, премиерката Меј е на мислење дека договорот ќе ѝ помогне на Британија за „лесно да ја напушти Европската унија“.

„Со тоа си ја враќаме контролата врз нашите граници, правото и финансиите. Ги заштитуваме работните места, безбедноста и интегритетот на Обединетото Кралство“, вели Меј.

Премиерката мора да го убеди мнозинството во Парламентот да го прифати договорот. Но, и пред оставката на Раб, имаше многу критики. Несогласувањата доаѓаат како од страната на таборот што го поддржува заминувањето на Британија од ЕУ, но и кај тие што повеќе би сакале земјата да остане дел од Унијата.

XS
SM
MD
LG