Линкови за пристапност

Џохар Царнаев доби смртна казна


Бомбашот од Бостон призна дека е виновен и се извини, но судијата и жртвите немаа сожалување

Осудениот бомбаш на Бостонскиот маратон Џохар Царнаев на синоќешното изрекување на казната се извини пред формално да му биде изречена казната смрт за нападот на 15-ти април 2013-та.

21-годишниот имигрант со потекло од Чеченија во судот во Бостон призна дека заедно со постариот брат Тамерлан ги поставиле двете бомби коишто самите ги направиле и коишто експлодираа на финишот на реномираната трка. Тогаш загинаа три лица, 264 беа повредени, вклучувајќи и 17 коишто загубија екстремитети.

„Жалам за животите коишто ги одзедов, за страдањето коешто ви го предизвикав, за штетата којашто ја направив, непоправлива штета“, рече Царнаев во својата прва јавна изјава по апсењето.

Но, судијата Џорџ О`Тул немаше сожалување за него и при изрекувањето на смртната казна рече дека никој нема да се сеќава на него каква личност бил пред да го изврши нападот. „Ќе останеш во сеќавањето како некој којшто уби и осакати недолжни луѓе, и дека тоа го стори со зла намера“, рече судијата.

Пред да проговори, Царнаев безизразно го следеше тричасовното сведочење на 24 лица, преживеани во нападот или роднини на загинатите, коишто во детали опишаа како бомбашкиот напад им се одразил врз животот. Мајката на Кристал Кембел, една од трите убиени во нападот, му порача на Царнаев: „Изборот што го направи е толку зол и тоа што и` го стори на нашата ќерка е грозоморно“.

Џохар Царнаев најверојатно ќе биде испратен во федерален затвор во Индијана каде што ќе чека на погубувањето. Процесот може да потрае со години, бидејќи неговите адвокати најверојатно ќе поднесат жалба преку федералниот судски систем.

XS
SM
MD
LG