Линкови за пристапност

ФБИ уапси петмина осомничени дека сакале да срушат мост во Кливленд


Се обиделе да активираат експлозивни направи купени од лица за кои не знаеле дека се агенти на Бирото, тврдат властите.

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) уапсило пет лица поради наводен заговор со експлозив да урнат мост во близината на Кливленд, сојузната држава Охајо.

Стивен Антони, кој е на чело на канцеларијата на ФБИ во Кливленд, соопшти дека осомничените биле уапсени понеделникот доцна навечер, кога се обиделе да активираат експлозивни направи што ги купиле од лица за кои не знаеле дека всушност се агенти на Бирото.

Обвинението поднесено во окружниот суд во Кливленд идентификува тројца од осомничените како „самонаречени анархисти“. Властите тврдат дека тројцата неколку месеци заговарале серија напади што со текот на времето се менувале и развивале. Првичниот план, наведуваат властите, бил со гасни бомби да го одвлечат вниманието на полицијата, по што требало да ги турнат рекламите на финансиските институции од врвовите на неколку згради во центарот на Кливленд. Планот подоцна наводно прераснал во напад со експлозив Ц-4, активиран од далечина. Конечниот план, тврдат властите, бил со експлозив да се сруши мост во близината на Кливленд.

Официјални лица наведуваат дека заговорот не е поврзан со годишнината од елиминацијата на водачот на Ал-Каида, Осама бин Ладен.

XS
SM
MD
LG