Линкови за пристапност

Војната на Блумберг против пушењето


Градоначалникот на Њујорк донираше 220 милиони долари за намалување на пушењето во светот.

Њујорк и цигарите веќе подолго време не одат заедно. Во рестораните нема пушење. Ниту во баровите. Дури ни во јавните паркови. Сето тоа е резултат на агресивната политика за штетноста на пушењето што градоначалникот Мајкл Блумберг ја спроведува последниве десетина години. Градот плаќа за реклами што ги предупредуваат жителите на опасноста од цигарите.

Блумберг неодамна донираше 220 милиони долари, преку неговата добротворна фондација, за намалување на пушењето и во светот. Градоначалникот вели дека дел од донацијата ќе појде на тоа да се убедат странските влади да ги зголемат даноците на цигарите. За Блумберг, даноците се најважен фактор во спречување на пушењето - во Њујорк кутија цигари сега чини околу 12 долари.

„Само 7% од нашите деца рекле дека пушат, само 14% од возрасните. Тоа е одличен износ, далеку помал од пред 10 години, и тоа е причината што во Њујорк, животниот век е три години подолг од САД во целина“, гордо наведува првиот човек на Големото јаболко.

Според податоците на Блумберг, пет држави имаат половина од сите пушачи во светот: Кина, Индија, Индонезија, Русија и Бангладеш. Минатата година во Индија, пејачот Шаан се придружи на глобалната акција против пушењето, со музичкото видео „Не си играј со животот“ што го сними во Боливуд.

„Нашата кампања е да се промени размислувањето на младината дека пушењето ниту ќе ве направи да изгледате поважен“, вели Шаан.

Глобалната кампања на Блумберг најверојатно ќе наиде на отпор. Украина, на пример, ја тужи Австралија пред Светската трговска организација заради законот што налага едноставно, хартиено пакување на цигарите. Тврди, тоа им штети на одгледувачите на тутун кои бараат нов пазар во Австралија.

Се противи и тутунската индустрија. Филип Морис тврди дека едноставното пакување ја одзема вредноста што се врзува со марката на компанијата.

„Може да не гледате наклонето кон нас, но принципот е ист – не може да одземете нечиј имот без компензација“, коментираше неодамна за австралиското радио портпаролката на компанијата Ен Едвардс.

Блумберг ова не го колеба - смета дека неговата донација ќе помогне против рекламите што пушењето го прикажуваат како – гламурозен чин.

XS
SM
MD
LG