Се` повеќе Американци уживаат во месото од бизон, бидејќи се смета за поздраво од другите: побогато е во протеини за 40% од говедското месо, содржи повеќе железо и потасиум од свинското, и 97% е без маснотии. Се користи речиси во се`: од колбаси и сос за шпагети, до хамбургери и стекови.
Всушност, толку е популарно што Адалин Паркер, која работи за кооперативата „Три ривер кафе“ во Форт Вејн, сојузната држава Индијана, вели дека се јавил недостиг.
„Нашиот набавувач не ќе може да обезбеди нови количини до ноември, бидејќи побарувачката е се` поголема“, раскажува Паркер.
Побарувачката расте не само на локално, туку и на национално ниво.
„Сега стана проблем дали има доволно од ова месо“, вели Дел-Вона Фелдбауер од резерватот „Вајлд виндс бафало“ во Фримонт, Индијана. „Сите се изненадени. Никој не ни помислуваше дека биде така“.
Некогаш низ САД слободно се движеле 30 милиони бизони, обезбедувајќи доволно храна за домородните племиња, а подоцна и за европските доселеници. Па сепак, кон крајот на 19-от век, ловот на ова животно доведе речиси до негово истребување. Во последните неколку децении бројот на бизони беше во стабилен пораст.
Џон Трипи, лекар во пензија и сопственик на „Вајлд виндс бафало“, верува дека индустријата на месо од бизони голем дел од успехот го должи на кампањата што ја спроведе Националното здружение за бизони во 2001-ва.
„Луѓето ги импресионираше фактот дека постои алтернатива на говедското, свинското и пилешкото. Во Њујорк, на пример, го нарекуваа слатко месо, бидејќи има слатка нишка. Штом ќе почнете да го јадете, како да станувате зависни од него“, сугерира Трипи.
За војла на вистината, месото од бизон е речиси двапати поскапо. Па сепак, главните производители тврдат дека можат лесно да ја зголемат продажбата за 30%, доколку имаат доволни залихи.
Главна причина за забавеното снабдување е што кај бизоните е потребна една година повеќе за добивање на потомство, споредено со другите животни кои се користат за месо.
„Во моментов во САД има околу 500.000 бизони, а дневно се колат 250.000 грла друг добиток. Тоа е само мал дел од пазарот“, вели Трипи.
За да одговори на зголемената побарувачка, Националното здружение за бизони започна нова кампања во која ги мотивира сточарите да ја зголемат бројноста на стадата со овие животни.