Во неговиот трет обид да стане претседател на САД, поранешниот потпретседател Џо Бајден се бори за неговиот политички живот.
Евентуалната победа на демократските примарни избори в сабота во Јужна Каролина му дава нова шанса да биде во игра за серијата избори во трката за номинација меѓу демократите во март.
Бајден самоуверено објави на демократската претседателска дебата во вторникот дека ќе победи на гласањето в сабота во јужната сојузна држава и некои истражувања на јавното мислење го потврдуваат тоа. Истражувањето на интернет-страницата fivethirtyeight.com покажа дека Бајден ќе освои околу 30 отсто од гласовите, а зад него ќе биде Берни Сандерс со 23% и Том Стејер, со 13 отсто.
Бајден со долгогодишната поддршка од афроамериканските гласачи се надева дека ќе победи во сојузната држава каде црното население сочинува повеќе од половина од демократските гласачи. Тој го нагласува негово искуство како потпретседател во владата на Барак Обама, првиот афроамерикански претседател. Во средата, влијателниот црн конгресмен од оваа сојузна држава Џејмс Клејбрн ја поддржа кандидатурата на Бајден.
Бајден едновремено водеше во анкетите меѓу демократските гласачи како кандидат со најголеми шанси да го победи претседателот Трамп на изборите во ноември. Но, Берни Сандерс, долгогодишен сенатор од Вермонт, и самонаречен демократски социјалист го надмина Бајден во анкетите на национално ниво откако победи на првите три прелиминарни гласања овој месец.
Во меѓувреме, Бајден заврши на четврто место во Ајова, на петто во Њу Хемшир и на второ, минатата сабота во Невада.
Американските аналитичари му уважуваат на Бајден за силен настап за време на дебатите, но и за вербалните гафови.
Додека промовираше поддршка за легислативата за контрола на оружјето, Бајден по грешка рече дека повеќе од 150 милиони Американци биле застрелани изминатите години, што е речиси половина од американската популација. Неговата кампања подоцна појасни дека таа бројка изнесува 150.000 лица.
Трамп, анализирајќи ги демократските кандидати, го потенцираше лапсусот на Бајден.
„Луда, хаотична дебата меѓу демократите синоќа. Лажните вести велат дека Бајден поминал добро, иако половина од нашата популација била застрелана, според него.
https://twitter.com/realDonaldTrump/status/1232657640515342336
Независно од исходот за Бајден во Јужна Каролина, тој и другите демократски кандидати се соочуваат со нов тест, веќе во вторник, кога за време на супер-вторникот гласаат 14 сојузни држави за бројката на делегати на конвенцијата во јули.
Facebook Forum