Полицијата во Балтимор, сојузната држава Мериленд ја завршила истрагата за случајот на 25-годишниот Афроамериканец Фреди Греј којшто почина по приведувањето - инцидент што предизвика серија протести.
Полицијата го доставила извештајот до обвинителите коишто сега ќе одлучат дали да покренат обвинение против шестмината полицајци коишто биле вклучени во приведувањето. Но, не постои временски рок за ваквата одлука.
Во Балтимор и денес беше мирно, три дена по немирите коишто кулминираа и ограбувањето на продавници и оштетување на возила. Хасан Марфи, адвокат на семејството на Греј, соопшти дека тоа сака обвинителите да не брзаат и да спроведат соодветна истрага и одлука.
Предавајќи го случајот на обвинителите, комесарот на полицијата во Балтимор Ентони Батс објави и некои детали за полициската истрага. Полицијата открила дека комбето во коешто бил транспортиран Греј, на патот до затворот застанало на уште едно место, за коешто досега не се знаеше, нo не соопшти зошто.