Првите луѓе на САД и Австралија се договорија американски сили да бидат стационирани на австралиска територија.
На заедничката прес-конференција со американскиот претседател Барак Обама во Канбера, австралиската премиерка Џулија Гилард рече дека договорот предвидува 200 до 250 маринци да бидат стационирани во северниот дел на Австралија и да се менуваат на секои шест месеци. Договорот истовремено овозможува американските авиони да ги користат австралиските бази.
Обама коментираше дека договорот помага САД поефикасно да реагираат на хуманитарните ситуации и безбедносните предизвици. За американскиот претседател, спогодбата ќе помогне да се одржи безбедносната архитектура на азиско-пацифичкиот регион и ќе им олесни на американските сили да се обучуваат и бежбаат со силите на другите земји од регионот, како и да ги опремуваат помалите земји за пофеикасна реакција на кризни ситуации.
Кина веднаш реагираше на веста, наведувајќи дека распоредувањето можеби не е соодветно и дека меѓународната заедница треба да дискутира за него.
Обама пристигна во Австралија од Хаваите, каде заедно со Гилард учествуваше на Самитот за азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК). Турнејата по регионот ќе ја продолжи во Индонезија, каде ќе учествува на Самитот на Источна Азија во Бали. САД и Русија на овој самит за првпат ќе учествуваат како полноправи членки.