Линкови за пристапност

Робертсон: „Ова е шанса на оваа генерација“


Во Атлантскиот совет во Вашингтон беше организирана дебата за заокружувањето на Европа со прашањето – Дали Македонија ќе го искористи моментот?. Со дебатата модерираше потпретседателот на Атлантскиот совет, Дејмон Вилсон.

„Ова е шанса на оваа генерација. Одлука за избор меѓу иднината или минатото“, истакна поранешниот секретар на НАТО Лордот Џорџ Робертсон образложувајќи ја поддршката за Договорот од Преспа кој треба да ѝ донесе на Македонија членство во НАТО и отворен пат кон ЕУ. Тој потсети дека Република Северна Македонија ќе го замени деградирачкиот акроним Поранешна Југословенска Република Македонија од светските мапи. Робертсон предупреди дека алтернативата за членство во НАТО е изолирање на Македонија од меѓународната заедница и статус кво уште многу децении за земјата. „Европа се развива и Македонија треба да биде на европскиот колосек и да ја искористи поддршката од меѓународната заедница“, изјави поранешниот ген-сек на НАТО.

Дебата во Атлантскиот совет за иднината на Македонија
Дебата во Атлантскиот совет за иднината на Македонија

Вишиот директор на Центарот Бајден и поранешен заменик помошник сектетар за одбрана Мајкл Карпентер подвлече дека ако биде усвоен Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција членството на Македонија во НАТО ќе биде завршена работа, одговарајќи на прашањето кои се гаранциите дека земјата нема да добие уште некој предуслов за членство во Алијансата.

И, тој, како и Лордот Робертсон, потенцираше дека се работи за момент на одлука на оваа генерација и предвиде дека ако биде испуштена, следната шанса би се укажала за 30 до 40 години. Карпентер рече дека Русија и натаму има интерес во нестабилен Балкан и оти геополитички интерес за меѓународната заедница е Македонија да влезе во НАТО. „Во спротивност, изборот е стагнација и клептократија и отвореност кон понатамошно руско влијание“, рече Карпентер.

„Русија нема право на вето во НАТО и во ЕУ и останува на Македонија да одлучи кој пат ќе го оди“, изјави Робертсон на прашањето за шпекулациите за евентуалното вето на Русија во Советот за безбедност на ОН за промена на уставното име на Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG