Една од клучните точки за кои се разговарало, покрај ситуацијата во Авганистан и можноста за нова бегалска криза, било имплементирањето на Преспанскиот договор кој двете земји го потпишаа во 2018-тата.
„Сметам дека имплементацијата се остварува на задоволително ниво. МНР ја следи имплементацијата на неделна основа и успеавме во изминатите месеци да направиме чекори во промена на имиња на улици, во промена на ознаки на одредени објекти и со тоа се наметна сериозна динамика во имплементација на овој договор кој е важен за билатералните односи и за регионалната стабилност.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Грција, како што кажа Дендиас, е задоволна од она што досега е направено за спроведување на договорот како тргање на табли, како онаа на зградата на МНР, или дополнувањето на името на Археолошкиот музеј.
„Имплементацијата на Преспанскиот договор не е една бирократска работа, туку треба да се имплементира секое писмо, секоја буква и веќе две и пол години подоцна гледаме дека има временска рамка за имплементација. Грција е и може да биде најтесен партнер на С. Македонија и незјин најдобар пријател. Грција, како сосед, има причина да се обезбеди стабилноста и благосостојбата на вашиот народ и затоа им велиме на нашите европски партнери дека Западен Балкан никогаш не смее пак да стане буре барут на Европа.“, изјави Никос Дендиас, министер за надворешни работи на Грција.
Дендиас замина кога требаше да одговори на новинарски прашања за тоа зошто неговата земја е страната која не ја следи динамиката во имплементацијата на Преспанскиот договор со ратификувањето на трите меморандуми во грчкиот парламент или промената на сообраќајните знаци на кои треба да пишува Северна Македонија. Наместо Дендиас, одговори Османи.
„Прашањата кои ги отворивте во однос на ратификацијата на трите меморандуми во грчкиот парламент ги отворив и јас, како и прашањето на сообраќајните знаци во Грција и зборевме за техничките прашања за неисполнување на тие области во грчкиот парламент и договоривме како тоа ќе се направи во идниот период. Во однос на таблите, објаснувањето е дека локалните власти не покажуваат ентузијазам, но очекувам во наредниот период да има напредок и за тоа прашање,“ оцени Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Според Османи, Преспанскиот договор е во основата нa билатералните односи меѓу двете земји, тој е неповратен процес и никој нема да дозволи да биде загрозен.
Македонската страна вели дека најдобар сигнал дека политичките односи се развивааат како што треба се економските индикатори. За 8 месеци од 2021 трговска размена изнесувала 400 милиони евра и Грција се искачила од 5 на 4 место на трговски партнери на С Македонија. Дополнително зајакнување на соработката, но и дискусија за имплементирањето на Преспанскиот договор се очекува за време на посетата на претседателот Пендаровски на Атина најавена за идниот месец.
Facebook Forum