НАСА ја разгледува можноста да пренасочи мал астероид во горната орбита на Месечината кога ќе се врати во 2024-та. Тој мина близу Земјата пред 3 години.
Астероидот, евидентиран како 2011 МД, е еден од деветте на листата кандидати за ваквата мисија. Откако со помош на робот би го пренасочила на околу 75.000 километри над површината на Месечината, НАСА планира да испрати астронаути за да земат примероци. Крајната цел е да се тестира технологијата и опремата што би била неопходна за евентуална експедиција со човечки екипаж на Марс.
Со помош на вселенскиот телескоп Спицер, што работи со инфрацрвени зраци, НАСА утврди дека МД 2011е со дијаметар од шест метри, голем колку мал камион. Астероидот беше откриен во 2011-та. Тежок е околу 100 тони. Научниците се сомневаат дека се работи за куп карпи што заедно ги држи гравитацијата и други сили, или пак една поголема карпа околу која се наоѓаат помали парчиња и прашина.
НАСА досега има пронајдено околу 11.000 астероиди што орбитираат околу Земјата. Секој месец, во просек открива околу 100 нови. Агенцијата смета дека девет од нив ги исполнуваат условите за пренасочување во периодот меѓу 2020-та и 2024-та.
Друга можност би била да се откине дел од поголем астероид и тоа парче да се пренаосчи во орбитата на Месечината. Како и да е, една ваква мисија би чинела околу 1,25 милијарди долари, соопшти американската вселенска агенција.