Јапонскиот индекс Никеј денеска заврши со 1,68 % помала вредност, а Ханг Сенг во Хонк Конг по денешното тргување забележа пад од 5,66 %, додека индексот во Сеул достигна најниско ниво во период од преку една година.
Френсис Лун е извршен директор на компанијата Лајнсин Холдингс –
„Прво беше огромниот пад на акциите на берзата во САД во понеделникот, Дау Џонс загуби 600 поени. Веднаш потоа Кина ги соопшти економските податоци од минатиот месец, со параст на инфлацијата на 6,5 %. Тоа беа вестите што светските пазари не сакаа и не требаше да ги чујат“, вели овој експерт.
На Вол Стрит во понеделникот, индексот S&P 500 со кој се мери активноста на акциите, беше намален за речиси 7 %, а главните индекси ширум Европа забележаа пад меѓу 3 и 5 %.
Агенцијата Стандард енд Пурс во петокот го намали кредитниот рејтинг на САД од трикратно А на АА+. Претседателот Барак Обама вака реагираше -
„Секогаш ќе има економски фактори што не можеме да ги контролираме. Земјотреси, потреси во цените на нафтата, забавена економија во другите делови од светот. Прашањето е како ќе одговориме на овие тестови. Тоа зависи од нас. Берзите ќе растат и паѓаат. Но се работи за Соединетите Американски Држави. Без оглед на проценката на некоја агенција, отсекогаш сме биле и ќе останеме држава со трикратно А“, истакна Обама.
И покрај намалувањето на рејтингот на САД, инвеститорите продолжија со купување на владините обврзници, во обид да се гарантира безбедноста на владиниот долг и покрај нестабилната клима на берзите.
Во меѓувреме, цената на златото бележи рекорден раст, додека цената на нафтата опаѓа, во услови кога инвеститорите стравуваат од уште една рецесија во САД.