Гигантот „Епл“ планира да изгради кампус од една милијарда долари во Остин, Тексас, а подготвува и помали локации во Сиетл, Сан Диего и Калвер Сити, пренесува Асошиејтед прес. Како што се соопштува, „Епл“ во следните три години ќе се проширува и во Питсбург, Њујорк и во Колорадо.
Новиот кампус ќе биде сместен на помалку од една милја од постоечките простории на „Епл“ кај Остин. Ќе бидат отворени 5.000 работни позиции за инженери, програмери, финансиски менаџери, како и во делот за продажба и поддршка на корисници. Кампусот ќе има капацитет за 15.000 луѓе.
На трите други локации ќе има место за по 1.000 нови вработувања.
На почетокот од 2018 „Епл“ најави капитални инвестиции и за следните пет години, а коишто би чинеле повеќе од 30 милијарди долари. Тоа, според објаснувањето од компанијата, ќе отвори нови 20.000 работни места во постоечките и во новите кампуси што треба да се градат.