Линкови за пристапност

Маргинализираните бараат заштита од дискриминација


Граѓанските здруженија потенцираат дека предрасуди на одделни пратеници, го блокираат донесувањето на законот што од јули 2018, веќе осум месеци чека да влезе во собраниска процедура и со тоа ги забавуваат европските интеграции на Македонија.

Претставници на седум мрежи на граѓански организации и 92 здруженија и фондации кои што ги застапуваат правата на различни групи граѓани што се соочуваат со дискриминација, на прес-конференција пред Собранието побараа деблокирање и итно ставање на дневен ред на Законот за спречување и заштита од дискриминација

„Овој закон е од исклучителна важност за процесот на пристапување на државата во Европска унија. Постоечкиот закон не е во согласнот со европското законодавство и ние континуирано добиваме забелешка од Европската комисија дека истиот треба да ги вметне сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како основи за дискриминација“, изјави Симонида Кацарска од Институтот за европска политика (ЕПИ).

Граѓанските здруженија потенцираат дека предрасуди на одделни пратеници, го блокираат донесувањето на законот што од јули 2018, веќе осум месеци чека да влезе во собраниска процедура и со тоа ги забавуваат европските интеграции на Македонија. Според нив, и покрај барањата на граѓанските организации и апелите на дел од амбасадите и од меѓународните организации и институции, собраниската Комисија за труд и социјална политика, како матично тело, не закажува седница за разгледување на Нацрт-законот за спречување и заштита од дискриминација.

Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација изјави дека претседателот на матичната Комисија, Влатко Ѓорчев (ВМРО-ДПМНЕ) одбива да го стави законот на дневен ред, додека пратениците и претседателот на Собранието Талат Џафери (ДУИ) сè уште не изнаоѓаат решение за проблемот. Таа го повика спикерот Џафери самиот да ја свика седницата, за да се надминат недореченостите од досегашниот закон кој, според неа, не ја остварил целта, и не обезбедил ефикасна заштита од дискриминација.

„Претходниот закон експлицитно не ги содржеше сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи, па затоа беше критикуван и оценет како закон кој не ги исполнува докрај европските критериуми од Европската комисија, но и од страна на телата на Советот на Европа и сите комитети на ООН кои досега известувале за Македонија. Донесувањето на овој закон со експлицитна заштита од дискриминација на ЛГБТИ луѓето е задожителен во процесот на евроинтеграции и соодветната имплементација на истиот, ќе значи чекор напред во однос на гарантирањето на фундаменталните права на сите граѓани“, изјави Дрндаревска.

Потенцирајќи ја важноста на законот за инклузијата во македонското општество и за граѓанските права, денешната прес-конференција ја поддржаа претставници на седум мрежи на граѓански организации (Мрежата за заштита од дискриминација , Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, Платформата за родова еднаквост, Мрежа 23, Мрежата за застапување на правата на Ромите, Македонската платформа против сиромаштија и Платформата за одржливост на програмите за превенција, грижа и поддршка за ХИВ) и на 92 здруженија и фондации што ги застапуваат правата на различни групи граѓани кои се соочуваат со дискриминација во македонското општество.

Меѓу нив се здруженија на Роми, на сексуални работници, на жени, здруженија на лица со попреченост, на ЛГБТИ-лица, на сиромашни и социјално исклучени граѓани, како и здруженија на различни групи пациенти, на лица со ХИВ, на корисници на дроги и здруженија кои работат во сферата на ЕУ-интеграцијата и на демократизацијата на македонското општество... Според нив, дискриминацијата претставува клучен проблем за разни заедници што им го оневозможува учеството во македонското општеството под еднакви услови.

Во предлог-законот што го поддржуваат мрежите на граѓански организации, се вклучени сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, а опфатени се и други форми на дискриминација, како сегрегацијата, што е од особено значење за Ромите и за лицата со попреченост.

На прес-конференцијата без изнесени и обвинувања за неактивност против актуелната Комисија за заштита од дискриминација, која според активистите, во текот на изминатата година.работела на само неколку десетици случаи, Затоа Предлог-законот предвидува професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација, построги критериуми и јавен избор на членовите на Комисијата, јакнење на независноста на ова тело и зголемување на неговите надлежности, како и покуси рокови за постапката за заштита од дискриминација,.

На обвинувањата, со свое соопштение до медиумите одговори актуелната Комисија за заштита од дискриминација.

Според соопштението, Министерството за труд и социјална политика не им овозможило услови за работа, па „Комисијата веќе седум години ги извршува своите надлежности во една просторија од 20 метри квадратни на 20-иот спрат во зградата на МТВ во која долг временски период не работат лифтовите“, но дека и покрај тоа, таа успешно ги остварувала надлежностите предвидени со досегашниот закон и добила „позитивни критики од релевантните меѓународни организации какви што се ЕКВИНЕТ – Европската мрежа на тела за еднаквост и ЕКРИ – европско експертско тело против расизам и нетолеранција“.

Комисијата ги отфрла клучните тврдења на „Мрежата за заштита од дискриминација“, со тврдење дека „истите се отфрлени од сите клучни релевантни адреси за нашата земја, а особено од Венецијанската комисија која како експертско тело при Советот на Европа вршеше стручна анализа на предлог законскиот текст кој е во собраниска процедура, како и од ЕКВИНЕТ и од ЕКРИ“. Комисијата тврди и дека министерката сите нивни „легитимни и оправдани сугестии промптно и со индигнација“ ги отфрлала.

Со став дека забелешките на релевантните европските институции, како и сугестиите на опозицијата треба да се прифатат, Комисијата предлага најмалку два амандмана во предлог законскиот текст.

Првиот - дека уредувањето на бракот, вонбрачната заедница и семејството исклучиво како заедница на спротивни полови, односно на еден маж и една жена претставува исклучок од дискриминација, бидејќи во спротивно, силно се јакнат легитимните стравови на конзервативниот дел од граѓаните на нашата држава, независно од нивната политичка, етничка или верска припадност, во смисла дека се создава правно фундиран простор за легализација на истополовите бракови, како и за легализација на желбата на овие двојки за посвојување на деца“.

Со вториот амандман, Комисијата бара да нема предвремен прекин на мандатот на нејзините членови, две години порано, што според нив „е причина за силен сомнеж за уште едно мешање на политиката во работата на независните институции“.

И пратеничкатата на СДСМ, Јагода Шахпаска денеска даде изјава на оваа тема, во која истакна дека пратениците од парламентарното мнозинство „велат - не за дискриминацијата! Цврсто сме посветени на градењето на едно општество за сите, без поделби, без дискриминација, на еднакво општество на еднакви граѓани со еднакви можности“. Таа најави дека Законот за спречување и заштита од дискриминација ќе биде изгласан во Собранието до средината на март, откако Комисијата за труд и социјална политика ќе заседава и ќе ги заврши сите свои обврски поврзани со овој закон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG