Линкови за пристапност

САД спречија заговор на Ал-Каида да урне авион


Експлозивот - поусовршена верзија на оној сокриен во долна облека што напаѓачот, Нигериец, не успеа да го активира во 2009-та.

Стручњаци на Федералното истражно биро (ФБИ) ја проучуваат бомбата со која Ал-Каида планирала да урне авион на пат за САД.

Американски владини лица понеделникот соопштија дека јеменскиот огранок на Ал-Каида имал намера да испрати напаѓач-самоубиец со експлозив сокриен во долната облека. Заговорот бил осуетен, а бомбата запленета пред авионот да биде доведен во опасност.

Властите наведуваат дека бомбата е усовршена верзија на онаа што требаше да го урне авионот на пат од Амстердам за Детроит на католички Божиќ 2009-та, кога напаѓачот, Нигериец, се обиде да го активира експлозивот сокриен во неговата долна облека, но направата потфрли. ФБИ ја проучува новата бомба за да утврди дали ќе ја откриеле безбедносните системи на аеродромите.

Американскиот Совет за национална безбедност вчера издаде соопштение во кое наведува дека претседателот Обама за првпат бил запознат за заговорот во април, по што редовно бил информиран за најновите моменти. На претседателот му биле дадени гаранции дека направата во ниту еден момент не ја довела американската јавност во опасност.

На прес-конференција во Њу Делхи, американската државна секретарка Хилари Клинтон коментираше дека инцидентот е потсетник дека САД сојзуниците се` уште се мета на терористички заговори.

„Заговорот индицира дека терористите се обидуваат да развијат уште поизопачени и поужасни начини да убијат недолжни луѓе и е потсетник зошто мора да останеме будни, дома и во странство, заштитувајќи ја нашата нација и пријателските земји како Индија и други“, рече Клинтон.

Вилијам Мекантис, терористички стручњак во Центарот за поморски анализи во Арлингтон, сојузната држава Вирџинија, за Гласот на Америка изјави дека најновиот случај ја подвлекува важноста на разузнавањето во војната против тероризмот.

„Бомбата ја запленивме уште пред да биде активирана, значи стануваме подобри во спречувањето на ваквите заговори. Од друга страна, загрижува фактот дека Ал-Каида на Арапскиот Полуостров има капацитет да создаде ваков вид на бомби, една година па и повеќе откако засилија нападите со беспилотни летала. Ал-Каида на Арапскиот Полуостров несомнено е најголемата закана за САД што доаѓа од Ал-Каида, затоа што, како прво, таа ја контролира територијата и може да се движи низ нејзини големи делови. Значи, може да собира средства, има мста каде може да обучува и да се засолнува, најверојатно има и муниција што ја добила откако симнала различни армиски групации од власта, така што секогаш кога ќе излезе со нешто ново, мораме и ние. Не ќе има еден краен и совршен безбедносен систем бидејќи нашите непријатели секогаш ќе излезат со нешто ново, така што и ние мора да се менуваме“, вели Мекантис.

Ал-Каида на Арапскиот Полустров исто така е осомничена за заговорот од 2010-та да урне карго-авиони со експлозив сокриен во тонери за компјутерски печатачи.

Асошиетед прес соопшти дека наводниот напаѓач бил базиран во Јемен и дека требало да го изврши нападот близу годишнината од американската акција во која беше убиен Осама бин Ладен. Агенцијата наведува и дека напаѓачот немал одбрано кој авион да го нападне и немал купено билет.

XS
SM
MD
LG