Линкови за пристапност

Борбата против загадувањето да стане приоритет на државата!


„Сметаме дека Армијата и полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, на нивното здравје и живот и на животната средина, и со своето присуство на терен да делуваат согласно законските ингеренции“, бараат граѓански организации и иницијативи за здрава животна средина.

Според густината на ПМ 10-честичките во воздухот, македонската престолнина денеска е прва меѓу светските метрополи и трети главен град во светот со најголема загаденост на воздухот! Според рангирањето на „Ер Вижуал“, Скопје е за две места понапред на црната листа на градови со највисока аерозагаденост, во однос на вчерашното петто место - со 167 микрограми ПМ 10 честички на кубен метар - над три пати повеќе од дозволеното. И според Индексот за мерење на Министерството за жуивотна средина и просторно планирање (МЖСПП), во Скопје, Тетово и Куманово денеска концентрацијата на штетни честички била над три пати повисока од дозволеното.

Битола
Битола

Според локалната власт во престолнината, „загадувањето е сериозен проблем и неговото надминување е долг и мачен процес, кој не се решава брзо. Градот Скопје работи на решавање на проблемот со загадувањето со повеќе стратегии и долгорочни планови кон кои сме сериозно посветени... “. Градоначалникот Петре Шилегов, во изјава за ТВ Алфа потенцираше дека одговорноста за загадувањето треба да се сподели и со дел од градоначалниците на општините околу Скопје, но и со неодговорните граѓани.

И премиерот Зоран Заев, вчера потенцираше дека „не може за две или три години, да ги постигнеме успесите, но се бориме со конкретни мерки. Го правиме тоа што цел свет го прави. Верувам дека и јавните институции ќе продолжат да бидат пример за промена на системот на греење. Продолжуваме со целиот сет на мерки кој е транспарентно објавен“...

Скопје
Скопје

Но, во Скопје работат само шест од најавуваните десет мерни станици, а според активистите, резултатите и така, се катастрофални. Единаесет граѓански организации и здруженија за заштита на животната средина упатија отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, до министерствата за заштита на животната средина и за внатрешни работи, до Град Скопје и до медиумите. Повикувајќи се на уставното право на граѓаните за здрава животна средина, „02 Коалицијата“, „Скопје Смог Аларм“, „Еко Герила“, „Битола сака чист воздух“, „Не биди ѓубре“, „Здравје пред профит во Центар“, „Fridays For Future Skopje“, „Ние сме Карпош 4“, „Еко Карпош 3,2,1“, „Го Сакам Водно“ и Движење за чист воздух, побараа во писмото активирање на армијата и полицијата против загадувањето.

„Секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на Армијата и полицијата – во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, регионалните центри за управување со кризи, општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина и Државниот комунален инспекторат, Инспекторатот на Град Скопје и инспекторатите на општините – активно да се вклучат во следните активности: да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и полицијата на терен за да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè, палење на отпад и на диви депонии; да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за Заштита и спасување на критични точки во Градот Скопје и низ државата, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено; да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект и да се организираат редовни патроли на припадници на Армијата во националните паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар“.

Официјалните институции сметаат дека најголемиот дел од загадувањето - 57% е од греењето на домаќинствата, а 25% од автомобилите и тешката индустрија, но дел од активистите ги посочуваат и несанкционирањето на индустриските загадувачи кои не инвестираат во филтри и заштита, термоцентралите кои работат на јаглен и неинвестирањето во извори на електрична и топлинска енергија што не се толку штетни за животната средина, честите пожари на дивите депонии, долготрајната суша и активните планински пожари во невообичаен период од годината, палењето стрништа, непланската сеча на шумите и недоволното пошумување, користењето на застарени превозни средства во сообраќајот, загревањето на сиромашните домаќинства со дрвни деривати кои содржат хемикалии, па дури и со гума и пластика…

Така, невообичаено за овој период од есента, деновиве горат шумски пожари на Маврово, на Попова Шапка и на Кожуф, за кои се проценува дека виновен е човечки фактор, а само за два дена, имало над сто пожари од запалени стрништа во Пелагонија, во општините Битола, Новаци и Могила... Според медиумите годинава се поднесени кривични пријави против 21 сторител – предизвикувач на шумски пожари... ТВ Алсат објави дека од поднесените 70 пријави за загадување на воздухот, пак, ниту една немала судска завршница, односно, мерките против загадувањето и климатските промени останувале заталкани во судските и обвинителските лавиринти и немало пресуди против загадувачите.

Скопје
Скопје

И додека локалните и централната власт се обидуваат да најдат аргументи за актуелната состојба со енормното аерозагадување, на социјалните мрежи граѓаните дебатираат за избор на најадекватна маска која најдобро го заштитува нивното здравје од загадениот воздух. А, О2 Коалицијата, песимистично предвидува дека квалитативни промени во поглед на намалување на загадувањето, може да има само ако помогнат временските услови: „Ќе биде загадено како и претходните години, колку - најмногу зависи од временските прилики! Ако имаме среќа како претходните две години - да имаме повеќе ветровити денови, да немаме магла и температурни инверзии, може и нема да достигнеме четирицифрени вредности или повеќедневен континуитет од алармантни вредности“.

На социјалните мрежи често се цитира податокот на Светска банка за 1.350 смртни случаи годишно - како последица на загадувањето на животната средина. Пред две години О2 Коалицијата побара од сите кандидати за градоначалник да потпишат дека ќе ги исполнат 39-те предложени мерки од невладините организации за борба со загаденоста. За жал, по две години, активистите тврдат дека Градот Скопје започнал 19 мерки, една остварил - со запирање на дотогашна спорна активност, а незапочнати биле 19 мерки. Дури ни контраставот на властите дека се остварени 15 и започнати уште 15 мерки, малку им значи на граѓаните кои се задушуваат... Еколозите од невладините организации потенцираат дека граѓаните живеат „во отровна зона“

Во февруари, годинава, медиумите објавуваа дека над 100 деца се лекуваат на Институтот за дишни болести во Скопје. Зима, во следните месеци ќе донсе и зголемено загадување, но адекватни решенија за заштита на најранливите категории - децата и постарите лица, засега нема.

Одговори ќе се бараат и преку јавни соочувања на власта и невладиниот сектор. Младинскиот образовен форум (МОФ) во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС), во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, следната недела ќе организира јавна дебата со теза „Овој дом верува дека државата (не) презема соодветни мерки за справување со загадувањето“. Во афирмативниот тим ќе бидат заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, директорот на депонијата „Дрисла“, Горан Ангелов и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, а во негацискиот тим - Невена Георгиевска од О2 Коалицијата, Стојан Велков од „Здрава котлина“ и Аријанит Џафери од „Еко герила“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG