Линкови за пристапност

Панета: Инцидентот нема да ги поткопа американско-авганистанските односи


Првиот човек на Пентагон во посета на Авганистан по убиството на 16 цивили.

Американскиот секретар за одбрана Леон Панета вели дека последните насилства во Авганистан, вклучувајќи го и смртоносниот напад за кој се товари американски војник, нема да ги одвратат САД од исполнувањето на мисијата во Авганистан.

Портпаролот на Пентагон Џорџ Литл денес информираше дека Панета за време на посетата на Авганистан се сретнал со локални претставници. До посетата, што беше планирана со недели, доаѓа откако американски водник, според наводите, убил 16 селани во близината на Кандахар, како и по неколкунеделните смртоносни протести поради палењето на примероци на Коранот во американска база во земјата.

Според Литл, Панета им порачал на локалните водачи дека таквите инциденти не го претставуваат ниту авганистанскиот народ и авганистанските сили за безбедност, ниту пак САД и коалиционите сили, “огромниот дел од кои“, како што рекол, се обидуваат да го сторат „она што е правилно“.

Официјални лица наведуваат дека на Авганистанците кои водат истрага за убиствата од неделата им била покажана снимка од безбедносна камера на која обвинетиот војник се предава во базата. Тие велат дека снимката била објавена во обид да се расчистат шпекулациите дека во инцидентот учествувале повеќе напаѓачи.

XS
SM
MD
LG