Линкови за пристапност

Загина авганистански војник


Нападната авганистанската владина делегација во посета на селата каде неделата американски војник, според наводите, уби 16 цивили.

Еден авганистански војник загинал кога осомничени милитанти отвориле оган врз авганистанската владина делегација која била во посета на селата каде неделата американски војник, според наводите, уби 16 цивили.

Во денешниот напад во покраината Кандахар бил повреден барем еден полицаец. Досега никој не презеде одговорност. Талибан по инцидентот од неделата се заколна на одмазда и обезглавување на Американци.

Денес стотици демонстрираа во Џалалабад во источен Авганистан, првиот поголем јавен протест по убиствата од неделата. Многумина од демонстрантите извикуваа „смрт за Америка“.

Без оглед на инцидентот и реакцијата на него, претседателот Барак Обама најави дека нема да дојде до американско повлекување набрзина од Авганистан. Во интервјуто за телевизијата КАБЦ од Лос Анџелес, тој кажа дека тоа само може да доведе до поголем хаос и катастрофа. Американските сили според планот одговорно ќе заминат од Авганистан до 2014, рече Обама. Претседателот кажа и дека му изразил сочувство на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и дека американските власти во целосна согласност со законот ќе постапат против наводниот убиец.

Државната секретарка Хилари Клинтон изрази шокираност од масакрот. „Тоа не е кои сме ние. САД се посветени на тоа одговорните да бидат изведени на суд“, рече Клинтон.

Според американски и авганистански официјални лица, војникот излегол од својата база и ги убил цивилите во нивните домови во село во областа Панџваи во јужниот дел на Кандахар. Голем број од убиените се деца. Селаните тврдат дека запалил дел од убиените.

Авганистанскиот парламент ги осуди убиствата, барајќи од американската влада да ги казни виновниците и да им суди јавно. Пратениците рекоа дека веќе немаат трпение за недоволната контрола врз странските војници.

НАТО соопшти дека осомничениот е американски водник кој дејствувал без помош од други, а потоа самиот се пријавил. Пентагон се` уште не го објавил неговото име, но американски претставници за новинските агенции изјавија дека е 38-годишен татко на две деца кој неодамна добил повреда на главата во автомобилска несреќа за време на мисијата во Ирак.

Стручњаците по американското армиско право наведуваат дека доколку истрагата собере доволно докази, тој ќе биде обвинет и изведен пред воен суд.

XS
SM
MD
LG