Американските и авганистански претставници велат дека водникот ја напуштил својата база по што убил 16 селани во нивните домови во непосредна близина на базата, повеќето од нив жени и деца. Селаните тврдат дека запалил некои од телата.
Стручњаците по армиско право сметаат дека доколку истрагата собере доволно правни докази, водникот ќе биде обвинет и изведен пред воен суд.
Јуџин Фидел предава воено право на Универзитетот Јел. „Ќе има адвокати на обете страни. Ќе има воен судија. Ќе има порота од најмалку пет или дванаесет лица доколку обвинението повика на смртна казна“, вели тој.
Авганистанскиот парламент бара американската влада јавно да им суди на одговорните и да ги казни.
Фидел мисли дека осомничениот најверојатно ќе остане во надлежност на американската армија.
„Нема шанси овој поединец да биде испорачан на авганистанскиот судски систем. Но, затоа, воениот суд е биде отворен за јавноста, вклучувајќи ги и членовите на авганистанската јавност и авганистанските медиуми“, предвидува Фидел.
Инцидентот е најнов во серијата потези на меѓународните сили што предизвикаа револт во Авганистан, вклучувајќи го и палењето на примероци Коранот во американска воздухопловна база. Сето ова би можело да ги доведе во опасност чувствителните преговори за стратешкиот договор за американската улога во Авганистан откако силите ќе ја напуштат земјата во 2014-та година.
Ричард Вајтс е виш воен аналитичар во Институт Хадсон.
„Ќе биде потешко да се постигне овој договор. Го имавме овој проблем во Ирак. Токму тоа беше и главната причина зошто Ирачаните одбија на американските сили да им дадат правен имунитет, врз основа на несоодветни постапки на поедини војници“, вели Хадсон.
Властите велат дека војникот по инцидентот се предал на надлежните и во моментов е во притвор. И претседателот Барак Обама и секретарот за одбрана Лион Панета изразија сочуство и ветија темелна истрага.