Линкови за пристапност

Филозофскиот факултет во Скопје одбележува еден век постоење


100 години Филозовски факултет, јубилеј
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:56 0:00

100 години Филозовски факултет, јубилеј

Оваа прва високообразовна институција прерасна во респектабилен фактор и носител на високото образование во Северна Македонија. Филозофскиот факултет денес ги следи светските текови и се приклучува на современиот начин на образование.

Првата високообразовна институција Филозофскиот факултет во Скопје слави стогодишен роденден.

Најголем дел од проектите кои сега се реализираат, се со цел да му се помогне на општеството да излезе од кризата и проблемите кои би настанале по завршувањето на пандемијата од Ковид -19.

На 16 декември 1920 година, основан е Филозофскиот факултет во Скопје. Тоа е првата високообразовна институција во Македонија, со која се смета дека започнува ерата на модерното високо образование во земјата.

Иако поминал низ многу премрежија, само до Првата Светска војна кога прекинува со работа, на него дипломирале околу 1800 студенти. Во 1946 година, со закон на тогашната Влада тој е обновен, како прва единица на првиот македонски универзитет. По независноста на државата, Филозофскиот факултет донесе големи промени, кои се наметнале како нова етапа во развојот на високото образование.

„Она што е основно е не само високото образование, туку градењето на профили и кадри, особено по втората светска војна, кога 95% од населението било неписмено. Главната улога на Филозофскиот факултет е градењето на институциите. Од првата и втората комисија за македонски јазик, правописот. Потоа МАНУ, Институтот за македонски јазик, за национална историја, старословенски јазик. Потоа градинки, школи, стратегии, центри за социјални заштита. Листата на институции е многу долга“, изјави, изјави Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет.

Во моментот факултетот има 13 студиски програми на додипломски и 18 на постдипломските студии,11 институти како и 11 библиотеки. Факултетот денес бара начини да одговори на новите потреби кои со себе ги носи модерното време. Започнат е процес на дигитализација, а целиот библиотечен материјал може да се пребара електронски.

„Градиме платформа за е- учење, која и со аудиo фајлови ќе биде достапна и за студентите со попреченост. Така да веќе ја финализираме, за да можеме во новата учебна година да почнеме комбинирано“, вели Дуев.

Најголем дел од проектите кои сега се реализираат вели Дуев, се со цел да му се помогне на општеството да излезе од кризата и проблемите кои би настанале по завршувањето на пандемијата од Ковид-19.

Факултетот денес ги следи и светските трендови пред се во делот на визитинг - предавања од водечки светски професори, меѓународна размена на професори и студенти, реализирање на летни школи и семинари.

„Воспоставувањето и одржувањето на широката мрежа на научни контакти со голем број на универзитети од меѓународната сфера. Публикувањето на импозантен список на монографски дела од различни истражувачки области, учебници, студии, периодични изданија и зборници. Организирањето на научни конференции од меѓународен карактер“, коментира Никола Јануловски, ректор на Универзитетот Свети Кирил и Методиј.

На научната конференција, по повод 100 години од основањето, која неодамна се одржа во Струга, претседателот на државата, Пендаровски рече дека Филозофскиот факултет е чуварот на македонската традиција.

„Преку историјата, класичните студии, историјата на уметноста и археологијата, овој факултет се грижи за трансферот на значаен дел од нашиот историски и културен идентитет на сегашните и идните генерации. Освен што е чувар на традицијата, факултетот е инкубатор и на идеите кои ќе ја обликуваат иднината. Филозофскиот факултет и неговите институти можат да дадат свој научен придонес кон изнаоѓање на одржливи решенија“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

Факултетот изминатите децении е вклучен и во носењето и на многу закони и стратегии во разни области. Пред него ќе има тешка и одговорна задача да создава и применува образовни модели соодветни на интересите на младите луѓе во земјава, а применливи во меѓународниот трансфер на идеи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG