Линкови за пристапност

„Стигмата убива!“


По осми пат во Скопје се одржа глобалната акција по повод 17 Декември – Меѓународниот ден за запирање на насилството врз сексуалните работнички

Со црвени чадори во рацете, сексуални работнички, активисти и граѓани на Скопје маршираа низ Скопје по повод Меѓународниот ден за запирање на насилството врз сексуалните работници - 17 Декември. Под мотото „Стигмата убива!“, граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници Стар-Стар, по осми пат се приклучи кон Глобалната акција за солидарност по повод Меѓународниот ден за запирање на насилството врз сексуалните работници. На „Маршот на Црвените чадори“ учествуваа сексуални работнички, стриптизети и стриптизери, хот лајн операторки, ескорт-девојки, но и нивни поддржувачи, активисти за човекови права, граѓани и корисници на нивните услуги.

Црвениот чадор како симбол на борба против насислтво врз сексуалните работници почнал да се употребува во Италија, а според организаторите, целта на скопскиот марш е информирање на пошироката јавност во Македонија за „загрижувачката состојба за безбедноста и условите во кои што тие живеат и работат. Во последните неколку години, најлошите и најраспространети насилства врз сексуалните работници ширум светот, произлегуваат од хистеријата поврзана со трговијата со луѓе, пропаганда која предизвикува морална паника и од која стравуваат самите сексуални работници“.

Сексуалните работници и нивните поддржувачи и денес, повторно, повикаа на солидарност во борбата против насилството, зголемување на заштита од институциите и промена на перцепцијата на јавноста кон нив

Според податоците на истражување на организацијата ХОПС (Healthy Options Project Skopje), објавени во македонските медиуми, од 310 анкетирани сексуални работници, 211 или 68,1 отсто, потврдиле дека биле малтретирани поради сексуалната работа.Особено загрижувачки е податокот дека повеќе од 12 отсто од испитаните сексуални работници изјавиле дека барем еднаш биле подложни на сексуално насилство, а 10 отсто од испитаниците биле присилени од клиентите да имаат сексуален однос без кондом, спротивно на нивната волја со ризик од пренесување на заразни болести.

Како најчести сторители на насилство, во анкетата, сексуалните работници ги наведуваат клиентите (87,6 отсто), полицијата (43,1 осто) и семејството (28,4 отсто. Речиси 37 проценти од анкетираните сексуалните работници одговориле дека немаат, односно не очекуваат помош од никого, а само 1,3 отсто одговориле дека очекуваат или добиле помош од полицијата.

Од друга страна, стигмата и дискриминацијата со која се соочуваат сексуалните работници, ги обесхрабрува при обидите да ги пријават делата од омраза извршени врз нив.

XS
SM
MD
LG