Линкови за пристапност

Непроверените и сензационалистички информации со коронавирусот во македонскиот медиумски простор се ширaт побрзо и од заразата


70% од претставките кои до СЕММ пристигнале додека на сила е вонредната состојба и се однесуваат на непрофесионално известување за коронавирусот

Најпосакуваното решение за пристигнатите претставки е медијацијата помеѓу засегнатите страни, во спротивно случајот поминува на разгледување во Комисијата за жалби, чии што членови утврдуваат дали станува збор за прекршување на Кодексот, а одлуката која ќе ја донесе комисијата е еден вид на морална санкција и треба да биде објавена во медиумот.

Непроверените и сензационалистички информации поврзани со епидемијата на коронавирусот во македонскиот медиумски простор се ширaт побрзо и од заразата. Во Советот на етика во медиумите од почетокот на прогласувањето на вонредната состојба, се пристигнати 27 случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел, односно 19 жалби или 70 % од случаите се однесуваат на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. Станува збор за информации објавени и на интернет портали но и во печатени и електронски медиуми.

„Прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање, како и на член 1 кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 32% од пријавените случаи“
СЕММ


„Прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање, како и на член 1 кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 32% од пријавените случаи“, велат од СЕММ.

A, како оди целата постапка, на утврдување на прекршување на кодексот на професионално известување.

Добиените претставки ги разгледува Комисијата за жалби при СЕММ, којашто е надлежна да постапува по случаите на непрофесионално и неетичко известување во медиумите.

„Во исто време, покренуваме и процес на медијација, во којшто постои можност медиумите, доколку сториле некаква грешка при известувањето, да го прифатат тоа, да ја коригираат и да се извинат за стореното. Всушност, тоа е и она што е најпожелно во таквите случаи, бидејќи, честопати, грешките се прават и ненамерно. Позитивно решениот процес на медијација треба да служи како пример за решавање на слични случаи и во иднина и, во таа насока, ги охрабруваме жалителите и медиумите да покажат повеќе конструктивност и толерантност во идните спорови“, вели за Глас на Америка, Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.

Но доколку медиумите не учествуваат во медијација, тогаш случајот поминува на разгледување во Комисијата за жалби, чиишто членови утврдуваат дали станува збор за прекршување на Кодексот и одлуката која ќе ја донесе комисијата е еден вид на морална санкција и

„Доколку се нарушени стандардите на етичко информирање се носи одлука, во вид на морална санкција, и се очекува таа да биде објавена од медиумите“, додава Тунева.

Таа вели дека моќта на само регулацијата е единствениот сигурен начин медиумите да ги подобрат своите практики на известување, притоа заштитувајќи ја слободата на изразување и известување, без да соочат со други механизми на контрола или „судење“ за нивната работа.

СЕММ - Јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата со корона вирусот.

„Јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (32%).

Медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде „оружјето“ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање“, велат од СЕЕМ.

Билјана Николовска, новинарка во ТВ Телма, вели дека во една ваква ситуација, секоја една вест пред да ја објават ја проверуваат двапати повеќе од вообичаеното.

„Мислам дека во време кога владее колективен страв кај луѓето од нешто кое не го познаваат и не го гледаат е лесно да се убедат дека 2 + 2 не се 4 туку на пример 5. После само една таква вест, и најеминентните математичари да се појават и да убедуваат дека резултатот не е точен секогаш ќе постои и ронка сомнеж дека се излажани. Токму за тоа ако во нормални услови ги проверуваме информациите од повеќе релевантни извори, сега мораме тоа да го дуплираме, за да не учествуваме во ширење на лажни вести во време кога публиката е многу сензитивна и на вистинските“, вели Николовска

Последните претставки кои во СEMМ ги добиле, а кои се поврзани со неетичко известување за коронавирусот се од граѓани, граѓански организации, новинари или уредници и институции. Кога станува збор за неетичко информирање, вистинската адреса за поднесување жалби е СЕММ вели Тунева и додава: „За сите случаи во коишто станува збор за говор на омраза, дискриминација или друго казниво дело прво повикани се органите на системот да истражат и дејствуваат“, вели таа.

Од Советот за етика во медиумите заклучуваат дека едностраното и шпекулативното известување во вакви услови може дополнително да ја зголеми вознемиреноста и паниката и да поттикне нерационално однесување од страна на граѓаните и повикуваат новинарите да внимаваат и на начините на кои ги објавуваат и преземаат агенциските вести и информациите од странски медиуми, особено кога се засноваат на официјално непотврдени информации коишто во одредени случаи се користат како извесен епилог од кризата.

„Во дел од случаите пријавени до СЕММ уште во самите наслови не се наведува изворот на информацијата, со што се добива впечаток дека се работи за очигледен факт. Позитивна практика е што се зголемува бројот на случаи решени низ медијација, а во оваа насока Комисијата за жалби при СЕММ ја поздравува и подготвеноста на медиумите да се коригираат кога ќе се утврди пропуст во содржината“, велат од СЕММ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG