Линкови за пристапност

Обама се` уште се надева на дипломатско решение за Крим


Кери се сретна со Лавров во Лондон, но судејќи по изјавите, нема напредок

Американскиот претседател Барак Обама рече дека се` уште се надева на дипломатско решение на кризата на Крим, каде во недела треба да одржи референдум на кој можен исход е отцепување од Украина и соединување со Русија. Обама даде ваква изјава за новинарите за време на средбата со ирската премиерка Енда Кени спроти празникот Св. Патрик.

Американскиот државен секретар Џон Кери денес во Лондон се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. По средбата, Кери го повтори ставот дека САД веруваат дека референдумот во Крим го крши меѓународното право и украинскиот Устав и дека ќе воведат санкции против Русија доколку тој се одржи. Првиот човек на американската дипломатија рече дека руското одобрување на рефендумот практично претставува „затскриена анкесија“ на Крим.

На одделна прес-конференција по средбата во Лондон, Лавров рече дека нема заедничка визија меѓу САД и Русија по прашањето, но дека разговорите биле корисни. Тој кажа дека Русија ќе ја „почитува волјата на луѓето на Крим“.

Лавров ги критикуваше најавите за санкции од САД и ЕУ.
Тој рече дека таквите санкци се „контрапродуктивен инструмент“ што нема да им „помогне на взаемните интереси“. Рускиот министер за надворешни работи истакна дека Крим на Русија и` значи повеќе отколку Фолкландските Острови на Британија. Во 1982-ра, Британија започна војна со Аргентина откако земјата изврши инвазија врз британската територија.

Денеска Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун порачал дека референдумот во Крим е целосно во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН.
XS
SM
MD
LG