Линкови за пристапност

Бен Хоџис: Направен е напредок меѓу Косово и Србија, но, крајот не е близу


Важно е САД и Европската Унија да продолжат да работат заеднички и да посветат внимание на регионот на Западен Балкан, вели Бен Хоџис, висок соработник на Центарот за анализа на европска политика, и поранешен командант на копнените сили на САД во Европа.

Едно од клучните прашања на трансатлантската агенда е спорот меѓу Србија и Косово, вели овој соговорник за српската редакција на Гласот на Америка. Според него, неодамнешниот разговор во Овалната канцеларија меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот косовски премиер Авдула Хоти, претставува нова надеж дека Белград и Приштина во догледно време би можеле да најдат конечно решение за долгогодишниот спор.

Хоџис вели дека е потребно да се исполнат три услови за да може да се постигне договор.

„Прво, Вашингтон треба да биде ангажиран на ова прашање постојано, а не повремено. Тоа значи не само дипломатски потези, туку и економски проекти. Второ, тој процес треба да се одвива во соработка со нашите пријатели и сојузници. Лично се надевам дека на долг рок ќе може одблизу да соработуваме со нашите европски пријатели. Трето, неодамнешниот договор во Белата куќа претставува чекор напред, но, не и разрешување на спорот меѓу Косово и Србија“, коментира Хоџис.

Неопходно е и Србија и Европската унија да утврдат заеднички прифатливи критериуми. Србија треба да го исполни она што Европа го очекува.

Изминативе години, Западот е во трка со Кина и Кремљ во регионот, додава Хоџис: „Мора да понудиме економски инвестиции за Србија да може да почувствува дека ѝ претстои подобра иднина под закрила на западната интеграција. Да види дека не е осудена да има статус на Венецуела на Балканот, целосно зависна од Кремљ. Приштина, исто така, има своја одговорност во тој дел“.

Пензинираниот американски генерал ја истакнува геополитичката важност на Западниот Балкан, кој се граничи со веројатно стратешки поважниот црноморски регион.

„Струите на Балканот влијаат врз настаните во Источна и Јужна Европа. Земјите, како Унгарија и Романија, се вознемирени како стојат работите во нивното соседство. Последно нешто што сакаат е влијание од Русија. Тие сакаат Србија да ги реши односите со Косово, и да биде потполно посветена на западната интеграција. Меѓутоа, тоа е последно нешто што Кремљ го посакува. Русија би сакала регионот да не биде среден, бидејќи на тој начин се зацврстува нејзината позиција на црноморскиот регион. Важно е Романија да биде фокусирана на црноморското подрачје и да не мора да се грижи за Западен Балкан“, коментира Хоџис.

Хоџис, исто така, се осврна на улогата на српскиот претседател Вучиќ во процесот на преговори меѓу Белград и Приштина.

„Фактот што Вучиќ го привлече вниманието на претседателот на САД не е небитен. Без разлика на тоа што луѓето мислат за Трамп, самото тоа што американскиот претседател е лично ангажиран да најде решение за ова прашање, не е за занемарување. Верувам дека тој вид на внимание и пристап што го доби, му оди во прилог на Вучиќ. Лично му посакувам успех во отворање на патот кон економски напредок на државата“, вели Хоџис.

Сепак, Хоџис забележува: „Тој секако има и други обврски кон неговите граѓани. Не е само прашање за економијата, туку и за сите столбови на либерална демократија, како изборен процес, судски систем и слободни медиуми“.

Тој додава дека не е убеден оти медиумите се целосно слободни.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG