Линкови за пристапност

Премиерот и претседателот ветија поддршка за развој на младите таленти


На 16-тата Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки во Катар, македонските ученици освоија два сребрени и три бронзени медали

Чест ми е, што се среќавам со вас олимпијци кои го покажувате вашиот квалитет на меѓународни натпревари. Нè правите горди, ни покажувате дека имаме потенцијал, за кој вреди да се бориме да го задржиме тука, во нашата земја, им порача премиерот Оливер Спасовски на учениците, членови на екипата кои освоија медали на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во Доха, од 3 до 12 декември минатата година.


Премиерот Спасовски ги прими учениците од основните и средни училишта – освојувачи на медалите, нивните ментори и претставник на родителите, и честитајќи им го големиот успех, истакна дека „образованието е едно од најважните прашања, на кое треба да му се посветиме со огромно внимание и низ разговори да се решаваат сите пречки, за напредок и остварување понатамошен успех“.

Премиерот потенцирал дека дека ќе се заложи за постигнатиот успех на учениците кои достојно ја претставуваат својата земја, да следува соодветна поддршка и награда од Владата.


На средбата било изразено задоволство што Фондот за иновации и технолошки развој и Агенцијата за млади и спорт учествуваат со финансиска поддршка за талентираните ученици кои настапуваат на натпревари во странство.

Во конкуренција на 409 ученици од 70 држави, на Олимпијадата по природни науки во Катар македонскиот тим освои два сребрени и три бронзени медали. Мајкл Георгиевски од гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци и Никола Спировски, ученик во деветто одделение во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје освоија сребрени медали, а деветоодделенците Емилија Николовска, ученичка во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид и Матеј Гелев, ученик во велешкото основно училиште „Блаже Конески“, како и Стефан Дрмач, ученик во прва година во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, освоија бронзени медали. На олимпијадата учествувала и Теона Кировска, ученичка во прва година во средното училиште „Кочо Рацин“, во Свети Николе.


И претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во петокот, организираше прием за наградените ученици и истакна дека посебно го радува нивниот успех „бидејќи досега многу ретко момчиња и девојки од нашата земја, учествувале на меѓународни натпревари“.

„Секој позитивен пример мора да се истакне и државата мора да ги препознава и целосно да ги поддржува талентираните ученици и млади луѓе. Навистина е импресивно да се освојат пет медали на меѓународно, високо ниво“, изјавил Пендаровски, кој исто така порачал дека во рамки на своите надлежности, во континуитет ќе дава поддршка за развој на потенцијалот и талентот на сите поединци во земјата.

XS
SM
MD
LG