Линкови за пристапност

Остра осуда на нападот врз рускиот шпион во Британија


САД се солидаризираат со својот најблизок сојузник, Велика Британија, и се согласуваат во проценката дека Русија е одговорна за нападот со нервниот агенс

Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и САД заеднички го осудија труењето на поранешниот руски шпион на британска територија, нарекувајќи го „прва употреба на нервен агенс врз агент во Европа од Втората светска војна“.

Во заедничкото соопштение на премиерката Тереза Меј, претседателот Емануал Макрон, канцеларката Ангела Меркел и претседателот Доналд Трамп, се вели дека немало веродостојно објаснување за вмешаноста на Русија во нападот. „Ја повикуваме Русија да ги реши сите прашања поврзани со нападот“, рекоа лидерите.

Подоцна од Белата куќа, претседателот Трамп изјави дека „ова по се` изгледа, како да е од Русите“.

Русија негираше каква било вмешаност.

Поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка, Јулија, беа пронајдени во кома на клупа во парк во англискиот град Солсбери, по што беа пренесени во најблиската болница, и се` уште се наоѓаат во сериозна состојба.

Британската премиерка Меј неколкупати кажа дека постојат големи изгледи дека зад инцидентот стои Русија, по што уследи и најавата за протерување на 23-ца руски дипломати, што важи за најголемо протерување на руски дипломати од 1971-ва.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, рече дека Москва наскоро ќе протера британските дипломати, како возвратна мерка. Во забелешките од четвртокот во Москва, Лавров ваквите потези на Меј ги нарече „боречки“ и рече дека со тоа, таа има намера да го одвлече вниманието од тешките преговори на Британија во напуштањето од Европската унија.

Во Брисел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, повика на „пропорционален“ британски одговор на нападот на нервниот агенс, велејќи дека инцидентот мора да има „последици“.

Белата куќа во средата издаде соопштение во кое се вели дека САД се солидаризираат со својот најблизок сојузник, Велика Британија, и се согласуваат во проценката дека Русија е одговорна за нападот со нервниот агенс врз британски државјанин и неговата ќерка, и ја поддржуваат одлуката на Велика Британија за протерување на руските дипломати од Лондон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG