Линкови за пристапност

Лидија Димковска: Македонскиот јазик поминува низ кризата на другите


Поетеса, романсиерка, преведувачка, Димковска е годинешна добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Со неа разговаравме за проблемите со кои се соочуваат македонските автори, како и за опстојувањето на јазикот

„Очекувам од Македонија да изгради преведувачи на македонската литература на другите јазици“, категорична е писателката, поетесата и преведувачка, Лидија Димковска.

Таа е годинешна добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. По тој повод со неа разговаравме за творештвото, за македонскиот јазик, за недоволниот пласман на македонските автори низ светот.

Лидија Димковска, поетеса: Македонскиот јазик поминува низ кризата на другите
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:19 0:00


„За да може некој надвор, во светот да нè цени, треба и Македонија да нè цени. Тоа значи да ни помага, да најдеме преведувачи, да отвори лекторати по македонски јазик низ светот. Ние немаме преведувачи на македонската литература. Тоа што деновиве се одржува научната школа во Охрид, заедно со Семинарот за македонски јазик и литература е прекрасно нешто. Но, од сите тие луѓе малкумина се занимаваат со превод на македонската литература“, вели авторката.

Има толку многу пропусти во културната политика, поврзана со македонската книжевност, што ние треба да бидеме и благодарни што колку, толку преводи на македонската книжевност во странство постојат


Димковска долги години живее во Словенија и ги познава тамошните културни политики. Вели дека околу 200 дела од словенечки автори годишно се преведуваат во странство и тоа со финансии од словенечки фондови. За споредба, укажува дека македонските автори ретко добиваат таква поддршка од дома.

„Во Словенија, сите македонски автори и авторки коишто се објавени, се објавени затоа што словенечките издавачки куќи пројавиле интерес за нив. Никогаш тоа не дошло внатре, од Македонија, како некаков предлог или како некаква сугестија, не дај Боже и како некаков грант за некого. Туку едноставно, словенечките издавачки куќи сето тоа го поддржале и го објавиле“, посочува Димковска.


Додава дека недостасува поголема ажурност од министерството за култура и здрав културен менаџмент.

„Има толку многу пропусти во културната политика, поврзана со македонската книжевност, што ние треба да бидеме и благодарни што колку, толку преводи на македонската книжевност во странство постојат“, укажува поетесата.

Апсолутно, македонскиот јазик поминува низ кризата на другите. Самиот по себе тој не се наоѓа во никаква криза. Јас како авторка пишувам на тој јазик


Во Словенија избрала да пишува на македонски јазик. Вели дека јазикот е нејзиното битие и бурно реагира на неговите скорешни негодувања.

„Апсолутно, македонскиот јазик поминува низ кризата на другите. Самиот по себе тој не се наоѓа во никаква криза. Јас како авторка пишувам на тој јазик“, вели Димковска.

Нејзини три книги веќе се преведени на бугарски.

„Кога би биле тоа исти јазици, апсолутно не би имало потреба да се плаќа од страна на издавачката куќа преведувач, да ме покануваат како во странство, во Бугарија да ги претставувам моите книги. Тогаш Бугарија би требало да биде исто како Македонија за мене, меѓутоа тоа не е“, објаснува авторката.


За да се одржи јазикот, неопходно е објавување што повеќе авторски дела.

„Сите што знаеме да пишуваме на македонски јазик, треба да пишуваме на македонски. Само на тој начин јазикот опстојува, издржува, ги издржува сите тие налети на политички опции, на превривања. Мислам дека обичните луѓе, моите читатели во Бугарија немаат никаков проблем со мојот јазик“, истакнува Димковска.

„Гранична состојба“ е збирката за којашто ја доби наградата. За неа вели дека е книга произлезена од ковид-состојбата.

Сите ние, коишто пишуваме на македонски јазик, сме поврзани со браќата Миладиновци. Тие се нашите книжевни предци. Во таа смисла, наградата ‘Браќа Миладиновци’ за мене е подарок од моите предци


„Во последниве две години, бидејќи сме ограничени поради епидемијата на многу начини, дојде до некое спонтано, односно внатрешно отуѓување. Кога не можеш да се видиш со пријателите цели две години, колку и да ја одржуваш врската, сепак се отуѓуваш, од блиските, од кого било. Така што, мислам дека тоа отуѓување стана феномен на денешното време и многу ми е страв дали тоа сепак повторно ќе се сврти кон некое зближување во догледна иднина, или ќе продолжи како некое отуѓување во психолошка и социолошка смисла, што ќе биде уште подрастично, уште порадикално“, истакнува наградената авторка.

Книжевното признание ѝ е особено драго зашто го носи името на браќата Миладиновци.

„Практично сите ние, коишто пишуваме на македонски јазик, сме поврзани со браќата Миладиновци. Тие се нашите книжевни предци. Во таа смисла, наградата ‘Браќа Миладиновци’ за мене е подарок од моите предци“, вели Димковска.

XS
SM
MD
LG