Линкови за пристапност

Лицата со попреченост бараат еднакви можности - не сакаат општеството да ги гледа како индивидуални трагедии


Лицата со попреченост бараат видливост и еднакви можности

Државата нè третира како индивидуални трагедии, негодуваат лицата со попреченост и бараат еднакви можности за образование и отворени врати на пазарот на трудот. Институциите велат дека им излегуваат во пресрет, но голем дел од пречките и натаму постојат

Односот кон лицата со попреченост е погрешен. Тие не треба да се гледаат како медицинска категорија, туку да имаат еднакви можности за напредок, образование и работа.

Вака го почнавме разговорот во „Полио плус“ здружение за заштита на правата на овие лица.


„Државата лицата со хендикеп ги третира како индивидуални трагедии и затоа само ги вклучува во делот на социјалната заштита. Ќе дадат 1.000 денари и ќе се смири ситуацијата. Но, не ги гледа како активни чинители“, вели Елена Кочоска, Програмска раководителка на „Полио плус“ – движење против хендикеп.

Државата лицата со хендикеп ги третира како индивидуални трагедии и затоа само ги вклучува во делот на социјалната заштита. Ќе дадат 1.000 денари и ќе се смири ситуацијата. Но, не ги гледа како активни чинители
Елена Кочоска, Програмска раководителка на „Полио плус“ – движење против хендикеп


Посакуваат да нема нивно ставање во несоодветен општествен калап само поради тоа што се родиле со хендикеп или стекнале одредена попреченост.

„Бараме од државата да го примени исклучиво моделот за човекови права. Каде што лицето со хендикеп ќе се препознае како уште една различност на човештвото. Како останатите, како родот, етничката припадност, верската, религиската. Ова да е уште една различност и тоа е клучниот момент“, додава Кочоска.


Правната основа за овие нивни барања е Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, што Обединетите нации ја усвоија во 2006 година. Со неа се забранува дискриминација врз основа на инвалидност.

Северна Македонија ја ратификува оваа Конвенција во 2011 година и се обврза да ја примени. Но, дискриминацијата и натаму тешко се искоренува.

„Лицата со попреченост во нашето општество се уште се маргинализирани. Се гледа на нив како на лица што се нешто ново, како да се сретнуваме со луѓе кои не постојат. Се појавивме од некаде и почнавме да излегуваме на улица и малу им е тешко на луѓето да нè прифатат и да не сослушаат“, вели Гере Трипков, основач на „Equality“, Организација за лица со попреченост.

Ве уверувам дека има лица коишто се со попреченост, а се далеку попродуктивни од останатите. Заради тоа што кај нив постои еден вид товар, обврска, да се докажат и да покажат дека навистина вредат
Гере Трипков, Основач на „Equality“, Организација за заштита на лицата со попреченост


Во дел од Конвенцијата стои и дека на лицата со попреченост ќе им се овозможи „целосна вклученост во општеството“. Но, активистите велат дека општеството им се затвора особено кога треба да најдат работа и дека работодавците не веруваат доволно во нивните способности.

„Работодавците се уште не докрај се охрабрени да вработуваат такви лица, зашто можеби до некаде мислат дека тоа лице нема да може да одговори на предизвиците и на работните обврски што му се дадени на исто ниво како и лица кои немаат попреченост. Меѓутоа, јас ве уверувам дека има лица коишто се со попреченост, а се далеку попродуктивни од останатите. Заради тоа што кај нив постои еден вид товар, обврска, да се докажат и да покажат дека навистина вредат“, додава Трипков.

Елена Кочоска, Програмска раководителка на „Полио плус“
Елена Кочоска, Програмска раководителка на „Полио плус“


Како пример за нерамноправност ги посочуваат токму огласите за вработувања во јавната администрација.

Ако ги видите огласите. Еден од првиот критериум што стои, вика да има општа здравствена состојба. Ние, од старт немаме општа здравствена состојба според критериумите што се воспоставени“, додава Кочоска.

Силно се залагаме за еднакви можности на сите граѓани, вклучително и еднакви можности за вработување во нашата институција
Министерство за труд и социјала


Се обративме и до Министерството за труд и социјална политика. Од таму велат дека се имплементираат насоките од Конвенцијата.

„Силно се залагаме за еднакви можности на сите граѓани, вклучително и еднакви можности за вработување во нашата институција, за што потврдува и фактот дека имаме вработени лица со попреченост“, велат од Труд и социјала.

Последното вработување на лице со попреченост во ова министерство се случило во 2019 година. Бројките од Агенцијата за вработување, пак, покажуваат дека во државата, на крајот од декември имало речиси 1.700 невработени лица со попреченост.

XS
SM
MD
LG