Ако од слушањето на позната „Ако одам во Битола“ ве обзедоа емоции, не се изненадувајте. Ретко кој останува рамнодушен од изведбите на јапонскиот оперски пејач, Казухиро Котецу.
„Песните ме поттикнуваат од дното на срцето. Веројатно, македонските и јапонските традиционални песни кои беа популарни за време на моето детство имаат иста емотивна експресија“.
Котецу живее во Токио и настапува во тамошната опера. Но во исто време, тој е голем вљубеник во македонската музичка традиција.
Песните ме поттикнуваат од дното на срцето
„Стиховите од моите омилени ‘Болен ми лежи Миле Поп Јорданов’, ‘Кога падна на Пирин’ и ‘Земјо македонска’, некогаш ме прават премногу емотивен и тешко ми е да ги пеам“.
На овдешната публика ѝ стана познат откако пред неколку години почна да изведува бројни македонски традиционални песни.
Спојот со македонската музика се случил преку тенорот Благој Нацоски. Во 2013 година бил и првиот настап со македонска песна.
Моите омилени ‘Болен ми лежи Миле Поп Јорданов’, ‘Кога падна на Пирин’ и ‘Земјо македонска’, некогаш ме прават премногу емотивен и тешко ми е да ги пеам
Од тогаш наваму, тој редовно преку неговиот канал на Јутјуб, знае да изненади со по некоја нова изведба. Така до денес има препеано повеќе од 30 наши познати песни.
„Сега ги подготвувам ‘Коце, берберот’, ‘Весели другари’ и ‘Како што е таа чаша’. Морам да ги вежбам секој ден, како студент“.
Котецу низ годините стана своевиден амбасадор на македонската култура во Јапонија, но и на македонското вино.
„Втора желба ми е да ја направам Македонија многу попрепознатлива во Јапонија и Јапонците повеќе да го консумираат македонското вино. Тоа сериозно го разгледувам со моите бизнис партнери“.
Поминати се повеќе од пет години од неговиот последен настап на македонската сцена. Со полно срце сака да дојде повторно.
„Мојата најголема желба е да ги пеам македонските песни што ги сакам, со македонските граѓани во вашата земја. Не можам да ветам кога точно ќе дојдам. Но, тоа апсолутно ќе го направам“.
Да се надеваме дека наскоро ќе го видиме во живо на некоја од домашните сцени.
Facebook Forum