СКОПЈЕ – Четири часа траеше распитот на шефицата на СЈО, Катица Јанева во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Во присуство на адвокатот Стеван Павлевски одговараше на прашањта на колешката Вилма Рускоска а потоа си замина. Не одговори многу на новинарските прашања но кажа дека не се чувствува виновна.
Нагласи дека давала исказ во својство на сведок но и дека нема ништо невообичаено што повикала адвокат со неа на распитот.
Јанева не даде конкретен одговор околу снимките на кои се слуша нејзиниот глас и побара трпеливост од јавноста и новинарите бидејќи се ќе стане појасно кога ќе почне процесот за случајот „Империја“ на СЈО.
Јанева утрово дојде на распит со службеното возило а пред зградата на Обвинителството ја пречека адвокатот Павлевски. Најави дека ќе даде исказ за да ја забрза истрагата.
Случајот „Рекет“ за кој се притворени двоецот Бојан Јовановски и Зоран Милевски доби нов тек откако на една од снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ се слушна гласот на Јанева. Таа даде објаснување дека имала пракса да разговара со осомничени во истрагите на СЈО и дека се обидувала да го придобие осомничениот бизнисмен Орце Камчев како заштитен сведок.