Линкови за пристапност

Ексклузивно со Џослин Пук, композиторка: Со секој нов филм се чувствувам како да скокам од гребен во непознато


Џослин Пук со Специјалната награда „Камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“
Џослин Пук со Специјалната награда „Камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“

„Очи широко затворени“, „Бандите на Њујорк“, „Венецискиот трговец“ се само дел од филмовите во кои целосен или делумен автор на музиката е композиторката Џослин Пук. Ексклузивно за Гласот на Америка таа раскажа за нејзината кариера, но и за поврзаноста со македонската музика.

Музиката за оваа легендарна сцена од „Очи широко затворени“ на Стенли Кјубрик е на композиторката Џослин Пук. Таа годинава беше гостинка на фестивалот „Браќа Манаки“.

„Повикот од Стенли Кјубрик беше неочекуван. Во тоа време немав големо искуство со правење музика за играни филмови. Тоа беше шок“, вели Џослин.

Со оваа британска композиторка разговаравме за искуството со големите режисери, но и за наградата „Специјална камера 300“. На фестивалот во Битола ѝ беше доделена за посебен придонес во филмската уметност.

„Бев изненадена, но и почестена што ја добивам таа награда. Признанијата се навистина охрабрувачки. Воедно сега знам и многу повеќе за фестивалот и неговата уникатност“, истакнува композиторката.

Музичката кариера ја почнала свирејќи виола, а настапувала и со бендови како Масив Атак и Меник Стрит Причерс. Компонирањето се развило постепено преку создавање музика за театар.

„Ги апсорбирав различните музички влијанија и начините за создавање музика. Соработував и со многу луѓе кои не знаеја како да ја читаат музиката. Тоа ми даде доверба да почнам самата да експериментирам“.

Голем удел во нејзиното творештво има и црковното пеење, како и древната музика.

„Бев под големо влијание од раните музички форми. Тоа јасно се воочува и во моите композиции“.

Нејзините искуства ѝ помогнале при соработката со Кјубрик, што било голем предизвик. Не ѝ било дозволено да го види сценариото на филмот. Сè што добила на почетокот, биле само скици од сцената со балот под маски.

„На некој начин беше во ред, бидејќи беше како заокружена сцена и имав јасни насоки. Но, кога дојде ред за остатокот од филмот, веќе не беше едноставно“.

Џослин е авторка и на главната нумера во „Бандите на Њујорк“ на режисерот Мартин Скорсезе. Таа стои и зад музиката во „Венецискиот трговец“ каде главната улога ја има Ал Пачино


Џослин е авторка и на главната нумера во „Бандите на Њујорк“ на режисерот Мартин Скорсезе. Таа стои и зад музиката во „Венецискиот трговец“ каде главната улога ја има Ал Пачино.

„Со секој проект е различно. Но, секако мора да се нурнете себе си во суштината на филмот и да дознаете што е можно повеќе за визијата на режисерот“.

Компонирањето го гледа како животен предизвик.

„Да бидам искрена, со секој проект се чувствувам како да скокам од гребен во нешто непознато. Секогаш е нов предизвик, но во тоа е возбудата“.

За музиката од Балканот вели дека е посебно богата, а ја познава ем професионално, ем приватно. Нејзиниот сопруг е со потекло од Србија, а на свадбата им била отсвирена и една македонска песна.

Музиката од нашето поднебје ја познава и од соработката со пејачката Тања Царовска. Воодушевена е од нејзиното пеење.


„Испеавме македонска песна. Не можам да се сетам на името. Но, сега нема да ја пеам“.

Сепак Џослин кусо ја отпеа песната, а тоа беше Македонско девојче.

Музиката од нашето поднебје ја познава и од соработката со пејачката Тања Царовска. Воодушевена е од нејзиното пеење.

„Нејзиниот глас ја носи душата на културното наследство. Има нешто посебно. Гласот нејзин е како скапоцен камен“.

Композиторката Пук во Битола требаше да гостува и со нејзиниот ансамбл. Поради пандемијата тоа не беше можно. Сепак надева дека таа идеја ќе се оствари догодина.

XS
SM
MD
LG