Педесет и четири поднесени амандмани, три повлечени, десет усвоени - ова е епилогот од денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања на која се разгледуваше владиниот предлог-закон за јавно обвинителство – текст во кој се утврдува идното функционирање на СЈО.
Пратеничките групи успеале да се договорат за техничките амандмани, за суштинските допрва ќе се расправа.
„Вкупно беа поднесени 54 амандмани на Предлог-законот, од кои три беа повлечени и 51 се во процедура. Десет амандмани денеска усвоивме, остануваат уште 41 амандман“, рече Артан Груби, претседател на Комисијата за европски прашања.
Од 14 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ усвоени се четири. Опозицијата најавува дека следи потешкиот дел од работата, како што е изборот на шефот на идното обвинителство за организиран криминал во кое СЈО треба да се претопи.
„Една од суштинските теми е начинот на избор на обвинителот кој ќе биде на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со вклучување на Собранието во методологијата на избор. Прв човек на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција не мора да биде само од редот на јавите обвинители, туку може да биде од поширок опсег, да опфаќа и професори кои имаат долг стаж во кривично-правната област“, вели Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ идниот шеф на ова обвинителство треба да се бира на предлог на најголемата опозициска партија. За власта, пак, ова би значело мешање на политиката во изборот на првите луѓе на обвинителството. СДСМ, сепак гледа напредок во денешната расправа.
„Со усвојувањето на десет амандмани се покажува и е важно оти процесот за усвојување на законот за ЈО е откочен“, истакна Снежана Калеска Ванчева од СДСМ.
Комисијата за европски прашања ќе продолжи со расправата по преостанатите 41 амандман – процес што може да трае најмногу два работни дена, по што следи пленарна дебата.