Линкови за пристапност

Работните групи за законот за јавно обвинителство на состанок до крајот на неделата


Преговарачкиот процес меѓу власта и опозицијата ќе се одблокира. Се чека на забелешките од ВМРО – ДПМНЕ за да се закаже нова средба. Крајниот рок за носење на законот е 11 февруари кога се распушта Собранието

Работните групи на СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ ќе се сретнат до крај на неделава со што ќе се одблокира преговарачкиот процес за законто за јавно обвинителство. Ова денеска го потврди пратеникот од опозицијата Антонио Милошоски, но и министерката за правда Рената Дескоска. Додека власта чека денеска или најдоцна утре, опозицијата да ги достави своите забелешки и предлози за владиниот закон со што би се отворил патот кон нова рунда на преговори од опозицијата не ја исклучуваат можноста тие да бидат доставени токму на средбата.

Според Милошоски, еден од проблемите е што обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) треба да прејдат во Обвинителството за гонење на организиран криминал кое ќе превземе голем дел од предметите на СЈО.

„Ние сметаме дека контраверзите што ги следеа овие обвинители и ова Обвинителство, особено противзаконското земање високи хонорари спротивно на Законот за обвинителска служба и Законот за плати на обвинители не би требало да им даде повластен третман за таква една привилегија“, рече Милошоски.

Тој потврди дека на вчерашната средба меѓу Маричиќ и Муцунски е договорено да се одржи средба на работните групи до крајот на неделата и дека се надева токму на средбата да се приближат ставовите за еден усогласен, согласно венецијанските стандарди на комисијата, законски текст кој би можеле да го усвоиме со поширок консензус.

„На самата работна средба што би ја имале со колегите од владејачката коалиција, со нивниот правен тим, би ги изложиле своите забелешки, аргументи или одредени аномалии со кои сметаме дека текстот може да се унапреди“, потенцираше Милошоски.

Од друга страна пак, министерката за правда Рената Дескоска, кажа дека очекува забелешките да бидат доставени денеска или утре за да можат да бидат разгледани пред очекувата средба на работните групи. Таа нагласи дека носењето на законот зависи од волјата на ВМРО-ДПМНЕ, која треба да ги стави интересите за евроинтеграција пред интересите на одредени нивни партски членови за кои се водат постапки.

„Она што го слушам како најави од страна на ВМРО – ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане навистина на тоа што е, може да дојдеме до договор. Но, јас не можам да прејудицирам сè додека не ги видиме написмено нивните ставови и забелешки, бидејќи често пати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат како конкретен амандман се разликува и честопати во тие амандмани се кријат одредени задни намери особено за случаите на СЈО“, рече Дескоска.

Таа ги нарече спин тврдењата на опозицијата дека во Обрвинителството нза гонење на организиран криминал и корупција кое го води обвинителката Вилма Рускоска ќе се „вдомуваат“ кадрите од СЈО.

„Она што мислам е или лошо читање или намерен спин во однос на законот, а тоа како што читам во медиумите дека наводно се вдомувале обвинители од СЈО во Обвинителството за организиран криминал е апсолутно неточно. Секој којшто ќе го прочита законот ќе види дека практично законот предвидува проширување на бројот на обвинители во Обвинителството за организиран криминал, за којшто број потоа ќе се распише конкурс и секој обвинител којшто исполнува услови ќе може да конкурира, не значи тоа апсолутен трансфер на обвинителите од СЈО“, изјави Дескоска.

Во меѓувреме продолжува потрагата по неопходните 80 гласа во Собранието за да може да се донесе законот за јавно обвинителство. Фокусот е врз групата од осуммина независни пратеници кои беа исклучени од ВМРО – ДПМНЕ откако го поддржаа Преспанскиот договор. Десковска не ја исклучува можноста да се собере двотретинското мнозинство без пратеничката група на опозициската ВМРо – ДПМНЕ.

„За законот очекувам поддршка од сите пратеници и добро би било сите кои се декларираат за евроинтегравција на нашата држава да го поддржат законот, така што оти и таа опција не е исклучена“, рече Дескоска.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера изјави дека законот не е услов од Европскиот совет или Европската Комисија, но е важен за некои држави членки на Унијата, како што се Холандија и Франција.

„Советот не рече имате уште еден бенчмарк, но индивидуално земјите – членки, одредени земји членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување на правна држава“, рече Османи.

Преговорите меѓу власта и позицијата за овој закон почнаа во март минатата година, а сега остануваат уште дваесетина дена рок да се донесе бидејќи Собраието се распушта на 60 дена пред предвремените парламентарни избори закажани за 12 април односно на 11 февруари.

XS
SM
MD
LG