Ублажување на последиците врз здравствените системи и здравјето на граѓаните, но истовремено и рестартирање на економијата чиј пад дојде со пандемијата на Ковид-19.
Ова биле главните теми на министерскиот состанок на деветте земји-членки на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион.
На средбата на која првпат, како полноправна членка учествува и Северна Македонија, договорена е засилена соработка за изнаоѓање заеднички решенија особено во делот на претстојното отворање на границите, непречениот транспорт и слободното патување на граѓаните во услови кога вирусот се’ уште е присутен.
Покрај коронакризата, било отворено и прашањето за натамошното проширување на Унијата кон западниот Балкан.
„Денешната министерска конференција го означува крајот на српското претседателство со ова семејство, презема Словенија и мило ми е што меѓу приоритетите на словенечкото претседателство ќе биде проширувањето на ЕУ, а конкретно ги спомена првите меѓувладини конференции со Скопје и со Тирана. Таа конференција ќе биде првиот чекор во пристапните преговори со ЕУ“, рече македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров.
Се очекува ЕК да го објави нацртот на преговарачката рамка со земјава на почетокот на јуни. Потоа документот ќе оди на дополнување и одобрување од земјите-членки на Унијата, по што ќе следи негово усвојување. Проценките се дека целиот процес би можел да заврши заклучно со октомври и до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конфернција со Северна Македонија.