Линкови за пристапност

Генералниот инспектор од Одделот за правда ќе сведочи во Сенатот


Сведочењето на Мајкл Хоровиц ќе биде во врска со извештајот во кој се вели дека не биле откриени докази за политичко влијание во одлуката на ФБИ да ја истражи евентуална руска вмешаност во претседателските избори

Генералниот инспектор на американскиот Оддел за правда, Мајкл Хоровиц, треба да сведочи пред Комисијата за правосудство во Сенатот. Неговото сведочење ќе биде во врска со извештајот во кој се вели дека не биле откриени докази за политичко влијание во одлуката на Федералното истражно биро да покрене истрага за евентуална руска вмешаност во претседателските избори.

Хоровиц го објави извештајот во понеделникот и со него беа отфрлени обновените тврдења на претседателот Доналд Трамп дека истрагата ФБИ е политички лов на вештерки за да се поништи неговиот мандат.

Трамп сепак вели дека извештајот го потврдува „обидот за соборување“ на владата многу повеќе отколку што можел да претпостави.

Претседателот го критикуваше директорот на ФБИ, Кристофер Реј кој во телевизиско интервју рече дека истрагата била отворена со соодветно овластување. Реј забележа дека Хоровиц посочил и на бројни грешки направени во истрагата на ФБИ.

Главниот правобранител, Вилијам Бар, пак, во телевизиско интервју рече дека ФБИ можеби „избрзало“ со покренувањето истрага за поврзаност меѓу Русија и кампањата на Трамп. Тој нагласи дека од страна на ФБИ имало злоупотреби и несоодветно однесување што не треба да се толерира.

Сепак, во извештајот на Хоровиц се вели дека ФБИ со право ја почнало истрагата за евентуалната руска вмешаност и дека имало доволно докази за да се одобри таквата истрага.

XS
SM
MD
LG