Иран минатата недела во Персискиот залив заробил уште еден танкер, сосе седумчлен екипаж. Информацијата ја објави државната иранска новинска агенција, со што тоа е трет танкер во еден месец што паѓа во рацете на Иранската национална гарда.
Според соопштението од Националната гарда, танкерот бил заробен во средата, северно од Ормускиот теснец. Танкерот, како што се тврди, носел 700.000 литри шверцувана иранска нафта што била наточена од други бродови.
Иранските извори не соопштуваат чиј е танкерот и од каде е екипажот кој е во заробеништво.
На 18 јули Револуционерната гарда соопшти дека поради шверц заробила танкер што пловел под знамето на Панама, а ден подоцна беше задржан и британски танкер.
Петтина од светската продукција на нафта се транспортира низ Ормускиот теснец. Тензиите во регионот пораснаа откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран, склучен во 2015 година.