Линкови за пристапност

Итен состанок на европските земји, Иран застранува од „нуклеарниот“ договор


Агенцијата за атомска енергија при Обединетите нации потврди дека Техеран ги надминал дозволените граници за збогатување на ураниумот

Европските земји потписнички на т.н. „нуклеарен“ договор со Иран, повикаа на итен состанок на сите инволвирани страни. Целта е да се разгледаат новото однесување на Техеран во однос на договореното во 2015 година.

Британија, Франција, Германија и Европската Унија иницираа средба еден ден откако Агенцијата за атомска енергија при Обединетите нации потврди дека Иран ги надминал ограничувањата за збогатување на ураниумот.

Земјите од европскиот блок потписнички во заедничка изјава истакнаа дека постои „голема загриженост поради тоа што Иран не се придржува до сите преземени обврски од заеднички потпишаниот Акциски план“.

Висок дипломатски претставник на францускиот претседател Емануел Макрон, замина на дводневна посета во Техеран на разговори за намалување на тензиите. Макрон и иранскиот претседател Хасан Рухани се согласија да го постават 15 јули како краен рок за решавање на проблемот со збогатен ураниум.

Инспекторите на меѓународната агенција за атомска енергија утврдиле дека Иран ја надминал дозволената граница од 3,67 проценти за збогатување на ураниумот.

Овој лимит беше поставен за да се спречи можноста за Техеран да произведе нуклеарно оружје, а за возврат земјата да добие олеснување на санкциите.

Ураниум збогатен до пет проценти е доволен за производство на гориво за нуклеарни централи, но и натаму е далеку под збогатување од 90 проценти кои се неопходни за изградба на нуклеарно оружје.

Претседателот на САД, Доналд Трамп лани ја повлече земјата од договорот и воведе построги санкции кон Иран.

Техеран веќе отстапи од неколку делови од договорот и се закани дека ќе се повлече уште повеќе доколку европските потписнички не овозможат економски олеснувања, како компензација за санкциите од САД.

XS
SM
MD
LG