Линкови за пристапност

Азески за Гласот на Америка: Потфрливме во сопственото производство на струјата


Клучниот фактор за да се излезе од енергетската криза е подигање на сопственото производство на струјата, но во тоа имаме потфрлено, смета претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески во интервју за Гласот на Америка

За енергетската криза, за иселувањето на работоспособното население, за неделата како неработен ден и за бројни прашања поврзани со деценискиот економски застој на државата разговараме со Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија. Повод за разговорот е годинешниот јубилеј, 100 години постоење на Комората.

Азески за Гласот на Америка: Потфрливме во сопственото производство на струјата
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:50 0:00

VOA: Господине Бранко Азески, Стопанската комора годинава одбележува 100 години постоење. Што значи тоа за вас и за вашите членови?

„За секого тоа претставува голема чест, зашто немаме институции што имаат толку години. Ние сме млада држава и тоа е една од ретките институции којашто опстојува низ сите овие периоди, кои биле и турбулентни. Со работа почна на плоштадот, а од 1957 година сме во оваа зграда, која е наше обележје“.

VOA: Триесет години независност, но и три децении незадоволителна економска состојба. Можеше ли комората да направи повеќе за граѓаните да живеат подобро?

Комората е реален одраз на состојбите во државата. Не можеш да имаш комора со пет ѕвезди, кога немаш држава со пет ѕвезди. Не можеш да имаш комора со пет ѕвезди, ако немаш компании со пет ѕвезди


„Комората е реален одраз на состојбите во државата. Не можеш да имаш комора со пет ѕвезди, кога немаш држава со пет ѕвезди. Не можеш да имаш комора со пет ѕвезди, ако немаш компании со пет ѕвезди. Ние се обидувавме во такви услови да се снајдеме. Се наоѓаме во позиција на лидер на новите процеси. Но, за тоа е потребно и едно деловно опкружување на државата.

Морам да кажам дека во овие 30 години не ни поаѓа од рака, но тоа се сепак први 30 години самостојност, коишто треба да значат дека ќе има и одредени слабости. Мислам дека е детектирано тоа што е потребно во наредниот период и заедно со компаниите ние ќе бидеме фактор на градење на економските политики во наредниот период“.


VOA: Имаме енергетска криза во најава и бројни ценовни поскапувања. Кои се вашите очекувања, со што ќе се соочат стопанството и граѓаните?

„Мислам дека треба да гледаме многу внимателно, зашто овде не се работи за домашни фактори, туку за надворешни влијанија коишто се врзани за големи регионални енергетски игранки во коишто е прашање дали ние сме способни и дали имаме таков кадар што може да се носи со тоа. Можеме лесно да настрадаме во тие процеси, а споделуваме исти цени. Тоа е основен услов за да бидеш конкурентен на пазарот.

Значи, ние имаме на влез многу мала количина на гас зашто имаме малку потрошувачи. Со тоа имаме висока влезна цена. Тоа директно врши притисок, односно влијае на цената на конкурентноста на меѓународните пазари. Ние мораме да ги забрзаме тие процеси. Ако изградиме 20 километри од гасоводот, треба одма да ги приклучиме фирмите, потрошувачите, граѓаните. Тоа ќе овозможи вртење на парите и количините, затоа што на тој начин ќе обезбедува поевтин енергенс којшто ќе влијае на конкурентноста“.

Сопственото производство на струјата е клучниот услов и тука ние имаме потфрлање. Меѓутоа, тоа не е прашање што сега може одма да се реши. Тоа е прашање коешто бара инвестиции во енергетскиот сектор што траат со децении


Потфрлување во сопственото производство на струјата

VOA: Дали е тоа главниот начин или мерки што би требало да се преземат за да се ублажат последиците од кризата?

„Не. Клучниот фактор е подигање на сопственото производство. Сопственото производство на струјата е клучниот услов и тука ние имаме потфрлање. Меѓутоа, тоа не е прашање што сега може одма да се реши. Тоа е прашање коешто бара инвестиции во енергетскиот сектор што траат со децении. И тука, како и во сè, ние немаме државна стратегија. Меѓутоа, сегашнава ситуација, ќе нè поттикне да се однесуваме поинаку. Во моментов, според нашите информации, огромен дел од нашите членки се влезени во инвестиции на соларни панели, за да можат на некој начин да ја ублажат таа ситуација“.


VOA: Нова влада треба да ја вози земјата. Ќе имате ли ваш претставник таму. Каков ќе биде односот со Владата?

„Не. Односот со Владата ќе биде како и со сите досегашни влади. На професионално ниво. Коректен. Ние никогаш не сме имале некоректен однос со која било влада. Бизнисот секојпат е во функција на интересите на државата и тоа го доведува во позиција, за од обичните граѓани да биде перципиран како сервилен сегмент во општеството кон владата, што не е точно.
Сведок сум дека сите овие години нема прашање што не им е укажано на владата, елаборирано, упорно повторувано.

Меѓутоа, владата балансира меѓу интересите на бизнисот и граѓаните. Граѓаните се гласачи, а фирмите организирани во коморите се институции коишто исто така можат значајно да ја креираат политиката. И, кога ќе дојде во судир мерката што ја предлагаш на нивите гласачки интереси, тогаш тие нормално се обидуваат да се извлечат, неводејќи сметка дека долгорочно тие мерки ќе поттикнат подобра позиција на граѓаните и подигнување на стандардот, што ќе значи автоматски шанса да владеат повеќе. Но, се прибегнува на краткорочни мерки што се лоши“.

(За „недела - неработен ден“) Ние сметаме дека тоа е пазарна категорија и треба да се однесуваме така кон сите пазарни категории... Бргу после ова ќе се види дека нема ефекти и ќе биде повлечено


VOA: Новитет годинава од први јануари е „недела - неработен ден“. Каков е ставот на стопанствениците?

„Кај нас секогаш беше негативен ставот. Иако владата се обиде со маневар да изземе одредени категории. Ние сметаме дека тоа е пазарна категорија и треба да се однесуваме така кон сите пазарни категории.

Не може сега, во Охрид, чаршијата да не работи во недела. Туристи во зима не доаѓаат во Охрид во вторник, туку во недела. Ние направивме анализа и надвор. Таму тоа постои. Но, тоа се држави со висок стандард, со друга верска ориентација. Не можеш да ги споредиш и да ги земеш како пример.

Мислам дека ова владата не сакаше до крај да го сослуша. Беше определена ова да го направи, не знам од кои причини. И мислам дека нема да придонесе. Бргу после ова ќе се види дека нема ефекти и ќе биде повлечено“.


VOA: За иницијативата Отворен Балкан. Беа потпишани договори. Каква е економската перспектива и воопшто перспективата од оваа иницијатива?

„Ние се наоѓаме таму во една колизија меѓу Берлинскиот процес, којшто има свој концепт за развој на еден единствен регионален пазар и иницијативата за Отворен Балкан. Јас, искрено, не гледам разлика во тоа. Меѓутоа, разлика постои во бројот на државите. Во првиот процес се шест, а во другиот се три. Тешко оди тоа приклучување.

Суштината на тоа е подобрување на протокот на стоки, услуги и капитал. Јас не знам сега зошто Отворен Балкан, затворен Балкан, КИВ, Берлински процес, единствен пазар, регулации. Нам ни е потребен проток на стоките, услугите и капиталот. Па, дали ќе се вика така или вака, нас бизнисмените не нè засега.

Срамни колони на балканските граници

Отворен Балкан во овој миг е поддржан од бизнисмените, зашто им изгледа дека тоа ќе доведе до забрзување на протокот, а не зашто се вика Отворен Балкан. Тој се викаше и Мал Шенген.
Дали тие добиваат или не. Тоа е прашање на политичарите. Наше прашање е побрзо стоката да помине на граница. Да исчезнат тие срамни колони што постојат уште кај нас. Тоа нигде не постои. Само кај нас, со километарски колони, без хигиена. Со страшни чекања. Грда слика“.


VOA: Еден од договорите е полесно добивање работни дозволи. Што значи тоа?

„Тоа значи да има проток на луѓето кои ќе добиваат работа во трите земји, засега, односно во шесте земји, во зависност од одвивањето на процесот.

Имаше разни дилеми, како ние ќе бидеме погодени. Поимањето беше дека ние ќе бидеме во неповолна позиција со тоа. Меѓутоа јас мислам дека, анализите ќе го покажат спротивното. Дека ќе бидеме и ние и тоа како и нашите граѓани, задоволни со можност да одат да се вработуваат во шесте балкански држави, без никакви ограничувања“.

Иселувањето – болен удар за стопанството

Ако не беше пандемијата, тоа (иселувањето) ќе беше централно прашање... Ние имавме еден тотално промашен образовен систем којшто не испорачуваше луѓе. Квотата што остана од Југославија, на разни начини е веќе непостоечка


VOA: Повторно околу работната сила. Бевме сведоци на заминување на работоспособно население. Како тоа се одрази врз економијата и како ќе се одрази?

„Ако не беше пандемијата, тоа ќе беше централно прашање. Ако не беше пандемијата и сега енергетската криза, ќе се зборуваше само за тоа. Ние имавме еден тотално промашен образовен систем којшто не испорачуваше луѓе. Квотата што остана од Југославија, на разни начини е веќе непостоечка. Некои остареа, некои се пензионираа, некои заминаа во странство.
Новата квота на кадар што се испорача апсолутно не беше компатибилна со постоењето.

Дуално образование за задржување на младите

Ние се обидовме да ја свртиме работата, ни требаа седум-осум години. Но сега можеме да кажеме конкретни бројки. Минатата година имавме само 11 фирми што склучија договор за дуално образование со училиштата. Со наше инсистирање и на министерството, тоа се зголеми годинава на 211 компании, а планот за идната година е петстотини. Тоа веќе ќе го реши прашањето на онаа основна таргетирана работна сила што е потребна за работата. Во исто време работиме и на зголемување на подигање на свеста и на концептот подобрување за високо образовните кадри и за формалното, неформалното и доживотното учење, како целосен концепт и тогаш ќе можеме да речеме дека, за едно 5-10 години ќе се испорачува кадар каков што е потребен“.


Стопанството годинава како „газење по јајца“

VOA: Каква година на стопански план можеме да очекуваме пред нас?

„Пластично кажано, ќе одиме по јајца. Ќе одиме напред, но ќе бидеме внимателни да не ги скршиме јајцата, односно да не направиме некоја штета во овие сите кризи што се закануваат. Препорачувам исклучителна внимателност, трпеливост, високо професионално однесување и заедништво на сите субјекти за да можеме да ја преживееме годинава“.

XS
SM
MD
LG