Линкови за пристапност

Северна Македонија се отвора кон нови туристички пазари


Интервју: Како ребрендирањето на земјата се одрази врз туристичкиот пазар?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00

Гостите од Германија, Шпанија и Романија се цел за 2020 година, вели во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за туризам

Како помина туристичката сезона во 2019 година, какви се плановите за идната година и како новото име на државата ќе влијае врз привлекувањето на туристите. На овие и други теми разговаравме со Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за туризам.

На крајот сме од туристичката сезона 2019 година. Дали годината ги даде посакуваните резултати, со оглед на тоа дека некои земји од регионот бележат негативни стапки на раст во туризмот?

„Годинава би ја окарактеризирал како успешна бидејќи ние во досегашните седум месеци не доживеавме пад и се движиме отприлика меѓу 2 и 3 проценти во плус, а имаме зголемување и на бројот на ноќевања, што ме радува. Се надеваме дека во наредните пет години ќе имаме 1,5 милиони туристи и пет милиони ноќевања. Велиме дека ние секогаш се бориме за еден ден повеќе да ни останат туристите во нашата дестинација. Просечниот престој на туристите во овие седум месеци е зголемен и според тоа и според некои анализи на Агенцијата, оваа година повторно ќе биде уште една успешна година за нашиот туристички сектор“, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.


Како Северна Македонија да се отвори кон нови пазари, кон нови туристички дестинации и што се планира во таа насока?

„Ние имаме одреден број на анализи и одредено стратегиско планирање, со кое се фокусираме на неколку региони и неколку земји. Велиме дека се повеќе вложуваме во промоција и во нови атракции и збогатување на понудата за јадранскиот регионот. Говориме од Словенија, па до Бугарија. Тоа се пазарите кои неправедно ги занемаривме изминатите години, трудејќи се да отвориме нови пазари кои ни се многу подалечни. Овие пазари скромно, но континуирано се во плус. Се надевам дека од 2020-2021 година ќе докажеме дека може многу повеќе да генерираат туристи кај нас. Нови пазари на кои ќе се фокусираме се германскиот и шпанскиот пазар, пазарите како што е Романија, а од кои очекуваме дека со многу подобро поврзување да имаме поголем број на тур-оператори, но и тур-оператори што работат одржлив туризам, односно авантуристички и алтернативни форми на туризам“, вели Јаневски.

Од кај нашиот јужен сосед Грција, имаме зголемување на туристите во првите седум месеци за 45 проценти, а се надевам дека ќе биде и повеќе
Љупчо Јаневски, директор на Агенција за туризам


Колку е реално да ги донесеме германските или шпанските туристи во Охрид?

„Реално е, но е потребно е да создадеме производи за нив. Да истражиме и да видиме каква е перцепцијата за нашата дестинација од страна на нивните тур-оператори и да им го понудиме тоа што го сакаат. Ако сакаат да кампуваат, тоа треба да го направиме. Да ги категоризираме нашите кампови, да имаме повеќе хотели со еко-сместување и да имаме хотели со повеќе еко-ѕвездички“, вели Јаневски.


Колку новото туристичко лого со новото име на државата, Северна Македонија донесе позитивни или негативни бенефити за земјава на туристичкиот пазар?

„Во овој момент не можам да го оценам тоа. Можеби ќе можеме да го оцениме во наредните пет или десет години. Но, потребно ни е едно сеопфатно брендирање на самата дестинација во поглед на туризмот. Тоа го работиме заедно со Министерството за економија. Во 2019 година тие веќе се зафатија со брендирањето и новиот слоган на дестинацијата. Би кажал дека ако ги гледаме првичните резултати, ние од кај нашиот јужен сосед Грција, имаме зголемување на туристите во првите седум месеци за 45 проценти, а се надевам дека ќе биде и повеќе. Ако е тоа позитивен сигнал, се надевам дека ќе имам многу повеќе позитивни сигнали“.

XS
SM
MD
LG